Православните христијани денеска го празнуваат Цветници (Врбица), еден од најзначајните празници во пресрет на Велигден. Со него се одбележува свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим, кога народот го пречекал со палмови гранчиња, симбол на почит и победа.

По повод денешниот празник, Митрополитот на Дебарско – кичевската епархија г. Георгиј, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот Св.вмч.Георгиј – Охрид, објави Епархијата.

Во православната традиција, наместо палмови, се користат врбови гранчиња кои се осветуваат во храмовите, а верниците ги носат дома како знак на здравје, благослов и духовна заштита. Празникот секогаш се слави во недела, една седмица пред Велигден, и го најавува почетокот на Страсната седмица.

Цветници, познат и како Цветна недела, носи силна порака за надеж, радост и духовно обновување, а воедно е и именден за сите што носат имиња поврзани со цвеќе. Во земјава, празникот традиционално се одбележува со литургии и масовно присуство на верници во православните храмови.

OhridNews

Фото: Дебарско-кичевска епархија