Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за детско престапништво Охрид се одржа сообраќајно едукативниот проект „Општински семафор 2026“ наменет за едукација на децата и младите од областа на сообраќајот и јакнење на нивната сообраќајна и безбедносна култура.

Спроведено беше теоретското тестирање на екипите со полагање сообраќајни тестови, како  и практичен дел на сообраќаен полигон поставен на кеј „Македонија“ каде ученичките екипи ги покажаа своите сообраќајни знаења и вештини преку управување велосипед. Воедно беше одржан сообраќаен квиз за средношколци и симулациска показна вежба за прва помош.

Пред присутните при денешното доделување на наградите за најдобрите учесници и благодарници за поддржувачите се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој упати честитки за успешниот натпревар во основите на сообраќајот и во креативните, литературни и ликовни творби.

Совладувањето на сообраќајните вештини и учењето на сообраќајната култура од најрана возраст претставува исклучително важна работа за безбедно и правилно учество во сообраќајот за сите учесници. Ја користам оваа прилика да упатам честитки на организаторите на манифестацијата, која од година во година со нови содржини и форми ќе ја направи манифестацијата попопуларна кај најмладите за нивно секако учество на истата. Верувам дека и оваа година совладувањето на новите вештини и знаења ќе придонесат за уште поефикасно и побезбедно вклучување во сообраќајот на нашите деца, додаде Пецаков.

По завршување на активностите на најдобрите тимови од основните и средни училишта им беа доделни награди. Првото место во категоријата средношколци го освои тимот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, додека кај основните училиште тимот на ОУ „Живко Чинго“. Второто место кај основнците припадна на тимот на ОУ „Григор Прличев“, додека трето ОУ„Ванчо Николески“. Во категоријата за средношколци втори беа ОЕМУЦ „Св. Наум Охриуски“, а трет тимот на ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Следеа и наградите за најдобрите ликовни и литературни творби, а на аукција беа продадени најдобрите ликовни дела.

Доделени беа и благодарници на сите вклучени во организацијата и поддршка на манифестацијата.

Н.С.Ј.