28-ми март е денот кога пред 34 години е формиран Генералштабот, кој со отпочнување на своите функции одигра клучно значење во формирањето на АРМ. Подоцна, на 1-ви април 1992 година во касарната во Охрид е формирана Шестата пешадиска бригада во составот на АРМ како наследник на традициите на Шестата македонска народна ослободителна бригада. Касарната во Охрид го добива името на генералот Михаило Апостолски, а на 14-ти април истата година во гарнизонот во Охрид пристигнува и првиот регрут припадник на Армијата на Република Македонија, велешанецот Панче Јамандиев. Во чест на одбележување на овој ден на просторот кај поранешната касарна во Охрид денес беше отворен Спомен паркот посветен на хероите на Шестата македонска бригада и генералот Михаило Апостолски.

Овој Спомен парк, како што посочуваат од Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија огранок Охрид, е израз на трајната благодарност и почит кон борците кои со својата храброст и пожртвуваност ја вградија својата жртва во темелите на слободата.

Дозволете ми да го изразам моето огромно задоволство што денес сме домаќини на овој настан, после кој, важно катче во Охрид, станува спомен паркот посветен на хероите кои своите животи ги вградија во темелите на слободна и независна Македонија, рече во обраќањето заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.

Спомен паркот ќе биде одраз на нашата почит кон историските личности кои беа дел од 6-тата македонска бригада и генерал Михаило Апостолски. На овој начин ние постојано, а не само еднаш годишно, ќе се потсетуваме на случувањата од далечната 1992 година кога се формира генералштабот, шестата пешадиска бригада, касарната го доби името на генерал Михаило Апостолски, а пристигна и првиот регрут во Охридскиот гарнизон од АРМ, велешанецот Панче Јамандиев. На ваков начин ја оддаваме нашата должна почит кон хероите кои ги испишаа најсветлите страни од нашата историја и станаа симбол за она што значи љубов и преданост кон својата татковина, верба дека она што сме го добиле од предходните генерации треба како светост и светлина во очи да го чуваме и предаваме на идните генерации, а тоа е слободна, суверена Македонија со свој јазик, култура и традиции, додаде Крстеска.

Како командат на баталјонот кој ги прими првите регрути во Армијата на РМ ние знаевме што сакаме, знаевме што правиме и тоа го направивме, а за два месеци обучивме војници да ја чуваат нашата граница, рече во обраќањето полковникот во пензија Добре Велјаноски, потесетувајќи се на деновите кога како старешина дошол во касарната во Охрид.

Ја градевме и ја изградивме Шестата пешадиска бригада која го носеше името по името на Шестата македонска народноослободителна бригада формирана на 6 септември 1944 година во Караорман. Тој ден ние и ден денес го славиме секоја година и ќе продолжиме да го славиме токму на ова место во оваа касарна. Во чест на шестата македонска народноослободителна бригада, во чест на шестата пешадиска бригада и на генерал Михаило Апостолски чие име го носеше оваа касарна ние изградивме и Спомен соба. Ние ветераните во знак на благодарност на нашиот народен херој генералот Михаило Апостолски којшто беше командат на главниот шатб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија од почетокот до крајот, кој командуваше и ја оствари вековната желба на нашиот народ за самостојна држава му посветивме посебно внимение и овде до спомен плочата на бригадата изработивме и спомен биста во негова чест, истакна Велјаноски.

Говорејќи за генералот Михаило Апостолски професор Андреј Илев, историчар од Воената академија, посочи дека пред точно 34 години започнала со работа Армијата на Република Македонија и тој ден се овековечува во македонската историографија со отворање на Спомен паркот на херојот од Шестата македонска бригада и споменикот на генералот Михаило Апостолски.

Михаило Апостолски е личност која еднаш во сто години се раѓа. Тој е македонски генерал, командант на Генералштабот на НОВ и ПОМ, национален херој, политичар, воен теоретичар, историчар и академик. На второто заседание на АВНОЈ во Јајце беше избран за член на претседателството на АВНОЈ. На првото и второто заседание на АСНОМ, член на претседателството, а од 1945 година два пати бил пратеник во Народното собрание на Македонија. Член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија од 1948 година до Вториот конгрес на Комунистичката партија. Одликуван е со многубројни домашни и странски одликувања, преку триесет европски држави со странски одликувања, меѓу кои Орден за народен херој, Орден на Републиката со златен венец и Орден на народното ослободување. Апостолски е редовен член на МАНУ, избран во 1967 година, а претседател на МАНУ од 1975 година. 1968 година е избран за дописен член на Српската академија на науки и уметности, 1976 на Косовското научно друштво, 1977 година станува и дописен член на Словеничката академија на науките и уметностите. Голем дел на трудови, преку триста статии и преку седмедесет, осумдесет книги објавени. Имајќи предвид дека и Воената академија го носи името на овој наш великан, минатата година на 30 годишнината од нејзиното форимрање поставивме биста со неговиот лик и ние, додаде Илев.

Апостолски е роден 6 ноември 1906 година во Ново село, Штип во скромно занаетчиско семејство. Како дете ги доживеал револуционерните превирања што се случиле по Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна. Од неговиот дедо Апостол научил многу. Оставиле силен впечаток врз него и биле главната причина за неговата љубов кон историјата. Истото влијаело длабоко да ја одбере својата струка, која ќе ја работи до крајот на својот живот. Основно и средно училиште завршува во родниот град Штип. Воена академија 1927 година. Како млад подпоручник бил распореден да служи во Штип. Своето воено образование го надоградува со Вишата воена академија 1933 година која ја завршува и Генералштабната академија 1938 година. Исто станува и првиот доктор на науки 1958 година.

Своето знаење го унапредувал во школувањето во Љубљана, Република Словенија. Во април 1941 година  е назначен за началник на штабот на Триглавската дивизија. По воениот пораз на југословенската армија и нејзината капитулација заробен е и однесен во италијанскиот логор Вестоне, а потоа во Риека. Како активен офицер на поранешната југословенска армија служел во Штип, Белград, Земун, Сушак, Огулин и Љубљана. Учествувал во народоослободителната борба од 1941 година, а од 1942 година е назначен за командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, посочи Илев.

Од 1945 до април 1946 година е помошник на началникот на Генералштабот на Југословенската народна армија, 1952 година командант на војската во Сараево, од 1952-55 година началник на Вишата воена академија, 1958 година началник на пешадија на Југословенската народна армија. Се пензионира во чин генерал полковник. 1965 година е поставен за директор на Институтот за национална историја. Починал во Дојран 1987 година на осумдесет и една годишна возраст.

Инаку, отворањето на Спомен паркотот е иницијатива на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија, огранок Охрид со поддршка на локалната самоуправа.

Фото галерија:

Охрид доби Спомен парк посветен на хероите на Шестата македонска бригада и генералот Михаило Апостолски

Н.С.Ј./Г.М.