Со цел поттикнување на еколошката свест, грижата за животната средина, инклузијата и создавањето подобра и поубава средина за учениците и заедницата денес во ООУ „Братство Единство“ Охрид се одржа презентација на проектот „Еко културен парк“.

Проектот го реализираше Здружението за заштита на животна средина, родова еднаквост и инклузија „Eco Balance Tree“ – Охрид во соработка со ООУ „Братство Единство“ – Охрид и Општина Охрид.

​Нашата цел беше да направиме проект каде што културата, природата и младите ќе се поврзат преку креативност и заедничка работа. Посебно ми е драго што во проектот учествуваа ученици од три наставни јазици. Секој ученик носи своја идеја, своја култура и свој поглед, а заедно создаваат една заедничка приказна, истакна претседателката на „Eco Balance Tree“ Охрид, Хавза Реџеп Какел.

Директорката на ООУ „Братство Единство“, Ајсел Доко Реџеп, истакна дека поддршката за ваквите иницијативи има долгорочно позитивно влијание врз младите генерации.

Веруваме дека ваквите проекти се значаен чекор кон развивање на еколошката свест кај нашите ученици и создавање поубава и поздрава средина за сите нас, посочи Реџеп.

Во рамките на проектните активности, учениците под менторство на своите наставници имаа задача на темата „Културен еко парк“ да изработат уникатни творби од рециклирани материјали. Изложените креации беа презентирани пред присутните гости кои имаа можност детално да ги разгледаат сите изработки. ​Како траен симбол на овој проект, здружението „Eco Balance Tree“ изработи „Дрво на културата“.

За време на настанот, секој ученик напиша кратка лична порака посветена на природата, културата, заедништвото, пријателството, почитта и иднината, закачувајќи ја на самиот симбол. ​

На крајот од настанот, како благодарност за нивната посветеност и покажана креативност, здружението „Eco Balance Tree“ им додели дипломи и подароци на учесниците.

Фото галерија:

Презентација на проектот „Еко културен парк“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска