Преку 200 крводарители од Охрид и Дебрца кои во 2025 година оствариле јубилејни 50, 25, 10 и 5 крводарувања добија признанија за својата хуманост од страна на Црвен крст Охрид. Седум од нив оствариле 50 дарувања, дваесет и тројца 25 крводарувања, шеесет и шест 10 крводарувања и сто и осумнаесет 5 крводарувања. Настанот беше традиционално организиран по повод Денот на Црвениот крст на Р. С. Македонија и Денот на крводарителството во Р. Македонија. Признанија беа доделени и на поединци и институции кои придонеле за развој и унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца минатата година.

Крводарителите Аце Карајованоски и Ѓоко Апостолов со јубилејни 50 крводарувања навраќајќи се на почетоците во оваа хумана мисија се потсетија на средношколските денови, притоа силно потенцирајќи ја важноста од дарувањето на крв за спасувањето животи.

  • Од средношколската љубопитност и два дена дека нема да се оди на училиште ако се дарува крв, до редовно дарувње. Станува збор за 3-4 пати годишно дарување. Преминува во крвта да се биде хуман, да се помага, зошто таа крв не е само за тие два дена за кои мислевме како деца, туку таа значи за некого многу повеќе од тоа, живот. Кога ќе ги видите насмевките на лицата на кои сте им помогнале и сте дале некоја надеж на нивните семејства со вашето дарување, знаете дека вие сте дарувале многу повеќе од крв, сте дарувале живот некому, вели Карајованоски.

  • Првиот пат кога дарував крв беше кога посетував средно училиште. И како деца ни беа интересни слободните денови кои ќе ги добиеме, но по завршување на факултетот почнав активно да дарувам крв на секои три месеци. Побудата е таа со која знаеме дека спасуваме нечиј живот, а од друга страна лично се чувствувам многу пријатно после секое дарување и со оглед на мојата здравствена состојба која бара да дарувам крв бидејќи имам појака крв. Во секој случај да се стигне до бројка 50 е една цел која долги години се посакува и очекува и сега од овој аспект можам да сфатам дека и не се баш малку 50 дарувања, тоа се 50 шанси за нечиј живот да биде спасен и се чувствувам навистина гордо. Чувството е посебно кога занете дека дарувате крв за некому да помогнете. Би апелирал до сите здрави лица кои што можат да ја дадат оваа драгоцена течност да го направат тоа и да бидат упорни. Ќе продолжам да дарувам крв додека сум здрав и додека можам, вели Апостолов.

За овој регион, Охрид, Дебрца во 2025 година во сите здравствени установи беа обезбедени доволни количини крв за лечење на оние кои имаат потреба од тоа,  вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Во 2025 година на територијата на Охрид и Дебрца беа собрани 1623 единици крв преку 18 редовни и 4 вонредни крводарителски акции, додека на територијата на Република Македонија преку 55 000 единици крв. Јавно искажувам благодарност до сите крводарители, до сите оние што во овие тешки времења ја избрале хуманоста како предизвик за да се следи онаа визија за едно подобро и похумано општество и кои што даруваат тоа што е највредно, а тоа е крвта, лек кој што се обезбедува само со дарување, не на поинаков начин, додава Точков.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска