Првооделенците од општините Охрид и Дебрца, мали, но со голем спортски дух во себе уживаа во спортот, забавата и дружењето во рамки на годинешното издание на Охрид трчаТ Детската трка 2025 во организација на АК „Охрид трчаТ“.

Настанот започна со изведба на македонската химна од страна на хорот на училиштето „Живко Чинго“ од Велгошти, по што следеше загревање со професорката Марија Паункоска пред почетокот на официјалниот дел од трката.

Четврта година со ред се организира Детската трка, а домаќин е ЈП „Билјанини Извори“. Горди сме за се досега што направивме и се надеваме дека во ист ритам ќе продолжиме. Благодарност до училилиштата и наставниот кадар, родителите, сите кои помогнаа да се организира ваков ден кој убеден сум дека децата ќе го паметат цел живот. За нив е ова вистинско доживување и кога ќе видите дека тие разбираат на оваа нивна возраст дека се дел од еден голем настан, искрено се надевам дека ова ќе даде придонес во иднина што повеќе деца да се бават со спорт и да практикуваат здрави навики. Задоволство ни е како АК Охрид трчаТ што го работиме овој настан и се трудиме заедно со нашите партнери кои со нас ја делат истата визија да вложуваме во идните генерации. Можеби сето тоа што денес ќе го добијат децата е скромно, можеби сето она што ние ќе го направиме за некои услови е скромно, но ние сме убедени дека за нашата заедница ќе придонесе многу, вели претседателот на АК „Охрид трчаТ“ Иван Цветкоски.

Изрази задоволство што учесници на Охрид трчат Детската трка од пред две години се и првачињата од општина Дебрца, потенцирајќи и дека трката се поврзува со Светскиот ден на физичката активност.

Навистина сакавме и тие да бидат дел од еден ваков голем настан за нас. И верувам дека во иднина со исто темпо ќе продолжиме и се надевам дека бројката ќе се зголемува. Утре 10-ти Мај е Светскиот ден на физичката активност. Трката традиционално ја одржуваме во работен ден, но сме поврзани со овој датум. Сакаме за тој ден, како и секаде низ светот, да испратиме една порака до сите родители, возрасни, компании, институциите, Општината што повеќе да инвестираат во спортот, зошто според нас тое е иднината за сите нас. Верувам дека имаме еден настан со кој можеме да покажеме не само на Македонија, туку и на светот дека во Охрид сите ние се грижиме за децата и за нивната иднина, додаде Цветкоски.

Чувствувам посебна радост и топлина во срецето што имам можност да бидат повторно дел од оваа прекрасна манифестација која веќе традиционално како пролетен мајски цвет ја буди желбата за спортување и носи огромна позитивна енергија во Охрид, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Денес нашите најмили трчаат за здравје и радост. Нивните мали чекори оставаат траги на надеж и ведрина и испраќаат една голема порака по повод Светскиот ден на физичката активност. За првачињата, истрчаните 100 метри ќе донесат искрена смеа и аплаузи, а за нас возрасните голема сила да продолжиме да ги охрабруваме и да го наградуваме нивниот труд. Општина Охрид отсекогаш стоела и ќе продлжи да стои цврсто на страната на спортот, зошто знаеме дека здравите навики се градат од најмала возраст. Оваа трка не е само спортски настан, туку доказ за нашата свеснот за здрав живот, здрави деца и актвни ученици кои ќе растат со спортскиот дух, со дисциплина и чувство за заедништво, посочи Пецаков.

Воедно се заблагодари и на сите вклучени во организацијата кои, вели, веруваат дека децата се највредниот потенцијал на нашата иднина.

Благодарност и до Општина Дебрца која заедно со нас гради спортска култура и пријателска соработка. Верувам дека овој спортски концепт ќе продолжи да се надоградува во иднина и ќе прерасне во спортска манифестација по која Охрид ќе биде препознатлив и ќе стане позитивен пример во спортската заедница не само во Македонија, туку и пошироко, додаде Пецаков.

Првачињата ја трчаа 100 метри долгата патека, а победници немаше бидејќи сите беа победници и медали имаше за сите.

На Детската трка учеството беше бесплатно и за сите учесници АК „Охрид трчаТ“ обезбеди маица, медал, вода и секако подароци од партнерите.

Фото галерија:

Охрид трчаТ Детската трка 2025

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска