Кралицата на шансоните Тереза Кесовија, синоќа во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани одржа незаборавен концерт во рамки на отворањето на ликовната колонија „Вевчански видувања“.

Тереза со своите песни ја врати децении наназад во времето публиката, која заедно со неа ги пееше популарните рефрени од „Пријатељи стари гдје сте“; „Добри мој Ноно“; „На Страдуну“ и други.

Иако е на прагот на деветтата деценија од животот Тереза Кесовија имаше енерчиген настап од час и половина пренесувајќи ја сета нејзина позитивна енергија на присутните, која едноставно зрачи од неа. 

„Никогаш во мојата кариера не сум настапила во ваков амбиент и овој концерт ќе го паметам. Сакајте се и чувајте се луѓе!“ – со многу емоции ги искажа своите чувства за настапот во Вевчани Тереза Кесовија. 

Тереза од домаќините доби Вевчански пасош, а по завршување на настапот таа издвои време за обожавателите на кои им ги потпишуваше нејзиното најново цеде и биографската книга „Тереза“. 

Организацијата на настанот беше беспрекорна, а атмосферата во „Виа игнација“ прекрасна, за што се погрижија и академските уметници Алмир и Викторија кои изведоа преработки на познати песни. 

Фото галерија:


Настап за паметење на безвременската Тереза Кесовија во „Виа игнација“

Г.М.
фото: „Мега продукција“

Разговор со Тереза Кесовија: На светот му треба повеќе љубов, разбирање и толеранција