Околу 200 деца со своите родители денес ја возобновија старата традиција со одржување на Лазаревата поворка за првпат во Охрид на иницијатива на Бадникови поворки – здружение за возобновување на традициите.

Оваа година за првпат во Охрид се возобновува една стара духовна традиција. Лазарева сабота е празник на љубов, на надеж. Денот кога се потсетуваме на чудото на Лазаревото воскресение. Во минатото овој празник се одбележувал со Лазареви поворки. Оваа година за првпат одлучивме да се зарадува Охрид со една ваква убава поворка во којашто учествуваат децата од Охрид, вели Летка Филипова координатор на Лазаревата поворка во Охрид.

Со гранчиња од врби и цветови пеејќи ја песната „Кажи Лазаре“ децата се движеа низ чаршијата од градскиот плоштад до храмот Успение на Пресвета Богородица – Каменско каде ги пречека свештеник и ги благослови.

Сите гранчиња кои децата ги носеа утре на Цветници ќе бидат поделени со благослов на верниците.

Дечињата не ја криеја радоста што се дел од поворката и ја обновуваат старата традиција, при тоа изразувајќи желба да и следната година бидат дел од истата.

  • Многу сум среќна што сум дел од Лазаревата поворка, бидејќи ова е еден начин како да се возобнови старата традиција, да се поттикнат младите да учествуваат во вакви културни настани и да се израдуваат сите, вели Ратка Попоска.

  • Јас сум среќна и возбудена што сум дел од поворката која се организира прва година. И следната година ќе учествувам на оваа поворка. Носијата која што ја носам е стара, ми ја даде баба ми и е традиционална македонска носија, вели Искра Лозаноска.

  • Во поворката ќе ја пее песната „Кажи Лазаре“. Многу сум среќен и радосен и би сакал да учествувам и другата година, вели Михаил Танески.

Лазаревата поворка годинава се одржува за првпат со надеж дека ќе прерасне во традиција.

Н.С.Ј.