Сајбер-безбедноста претставува една од клучните прашања на современата безбедносна агенда. Сајбер просторот одамна ги надмина националните граници, заканите се транснационални, брзи и сè порафинирани. Во време на брзи технолошки трансформации, нашите општества се соочуваат со нови, комплексни и често невидливи закани, кои бараат нов начин на размислување и дејствување, рече во обраќањето на отворањето на 5. Интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа во ПС на ОБСЕ кој се одржува во Охрид,  Африм Гаши, претседател на Собранието на Северна Македонија.

Одржувањето на денешниот форум ја потврдува нашата заедничка заложба за продлабочување на регионалната соработка, зајакнување на довербата и градење на стабилна и безбедна иднина за нашите граѓани. Нападите врз институциите, критичната инфраструктура, изборните процеси, финансиските системи и медиумите не се изолирани случаи, туку дел од пошироки трендови кои можат сериозно да ја нарушат стабилноста на државите и довербата на граѓаните. Токму затоа, имаме обврска да градиме безбедни општества, општества отпорни и на сајбер напади, со цел да обезбедиме безбедна иднина за нашите граѓани, рече Гаши.

Посочи дека одговорот на овие предизвици не може да биде индивидуален, туку мора да биде колективен, додавајќи дека ниту една држава, без оглед на нејзиниот капацитет, не може самостојно да се справи со сајбер заканите.

Потребна ни е силна, координирана и суштинска регионална соработка. Таа регионална соработка треба да се темели на неколку клучни столба. Од суштинско значење е размената на информации, раното предупредување како и брзата и навремена размена на податоци за потенцијални закани, напади и ранливости. Потребно е да изградиме доверливи механизми и канали за комуникација меѓу институциите, кои ќе овозможат координиран и ефикасен одговор. Секако најважен чекор е градењето на доверба. Без доверба, нема ефективна соработка. Затоа е потребен постојан политички дијалог, транспарентност и јасна посветеност на заедничките вредности, вклучително и почитување на човековите права и слободи во дигиталниот простор.

Парламентите, додаде, имаат клучна улога во сите овие процеси, бидејќи истите не само што носат закони и ја обликуваат и јавната политика, вршат надзор и ја поттикнуват меѓународната соработка.

Како парламентарци, ние сме чувари на безбедноста и стабилноста на нашите држави. Нашите закони, нашата соработка, нашата решителност се клучевите за дигитално отпорно општество. Убеден сум дека преку отворен дијалог, партнерство и координирани активности, можеме да создадеме посигурен дигитален простор за сите наши граѓани. Југоисточна Европа има потенцијал да биде пример за успешна регионална соработка во областа на сајбер-безбедноста, додаде Гаши.

На форумот обраќања имаа и Пере Понс, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Роберто Монтела, генерален секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Еугенио Зофили, потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Киријакос Хаџијани, потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјален претставник за ЈИЕ, и Моника Зајкова, шеф на Делегацијата на Северна Македонија во ПС на ОБСЕ.

Темата на првата сесија на Форумот е „Сајбер-напади во Југоисточна Европа и штетите предизвикани во последните години“, на која предвидени се обраќања на Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, Бленди Клоси шеф на Делегацијата на Албанија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Методи Хаџи Јанев, специјалист за дигитализација и сајбер-безбедност, и Стивен А. Њутн, главен инженер за сајбер капацитети, MITRE Corporation.

Втората сесија на Форумот е посветена на преземени мерки и идни активности за превенција од сајбер-напади во регионот на ЈИЕ, а потоа ќе има и отворена дискусија за сајбер-безбедност и законодавна поддршка.

Н.С.Ј.