Голем број верници за Велигден беа пред храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник каде годинава за првпат со празничната богослужба чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г.г. Георгиј.


За големиот христијански празник Велигден во Охрид во Свети Климентовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник присутвуваше и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
Во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, озарена од светлината на свеќите, со молитвено смирение го дочекав Христовото воскресение. Во миговите кога се објавува победата на животот над смртта, црвените велигденски јајца ја носат пораката на обновата и новиот живот, вдахнувајќи вера и сила во секое човечко срце. Нека празничната радост нè обедини и нека нè поттикне на меѓусебна почит и разбирање, давајќи ни сила да чекориме напред, порача претседателката Сиљановска-Давкова.

Празникот се слави три дена, а Охрид во овие празнични денови е исполнет со голем број гости од земјава и соседството.
Н.С.Ј.















