По повод 12 март, Светскиот ден на бубрегот, зградата на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга беше осветлена како симбол на подигнување на свеста и поддршка. Болницата го одбележува овој значаен ден со силна порака за подигање на свеста за здравјето на бубрезите и важноста од навремена превенција.
Како институција посветена на дијагностика, третман и грижа за пациентите со бубрежни заболувања, болницата останува посветена на подобрување на здравствената грижа и едукацијата на населението, истакнуваат од Болницата.
Болницата деновиве реализира низа активности со цел подигање на свеста кај граѓаните за здравјето на бубрезите. Во оваа насока беа поставени банери и постери со логото на Светскиот ден на бубрезите. Објектот на болницата е осветлен во текот на 24 часа, а на шеталиштето спроти градскиот пазар беше поставен штанд каде што вработени од Болницата мереа крвен притисок и шеќер во крвта на граѓаните. Граѓаните имаа можност да добијат и потребни совети и препораки од лекарите за тоа како да го зачуваат здравјето и да ги превенираат бубрежните заболувања.
Денес пациентите кои ќе ја посетат нашата болница ќе добијат симболичен спомен, бидејќи тие се главната причина зошто работиме и зошто постојано се трудиме да се подобруваме и секој ден да бидеме подобри. Исто така, директорот заедно со медицинскиот тим ќе ги посети пациентите кои се на дијализа повеќе од 30 години, при што ќе им биде врачена симболична подарочна благодарница како гест на поддршка и благодарност за довербата што ја имаат во нашата институција. Да ги чуваме нашите бубрези – тие неуморно работат за нас секој ден, порачуваат од Болницата.
Мотото годинава под кое се одбележува Светскиот ден е „Здрави бубрези за сите: Грижа за луѓето, заштита за планетата.“
Секоја година, низ целиот свет, Светскиот ден на бубрезите нè потсетува на една вистина што често се потценува: бубрезите се од суштинско значење за нашиот живот и здравје. Хроничната бубрежна болест денес е еден од најголемите проблеми на јавното здравје во светот. На глобално ниво, бројот на лица кои страдаат од хронична бубрежна болест постојано расте и претставува сериозен предизвик за здравствените системи, велат.
Милиони луѓе, посочуваат, живеат со оваа болест, често без да бидат свесни за тоа, а се проценува дека околу 850 милиони луѓе во светот имаат некаква форма на бубрежна болест, додека повеќе од 200 милиони од нив се наоѓаат во напреднати стадиуми на болеста (стадиуми 3–5).
И во Северна Македонија, состојбата бара сериозно внимание – се проценува дека околу 100.000 лица страдаат од хронична бубрежна болест во стадиуми 3–5; 1500–1600 пациенти се третираат со хемодијализа, а околу 20 пациенти со перитонеална дијализа. Многу пациенти ја откриваат болеста дури кога оштетувањето на бубрезите веќе е значително и во напредна фаза. Оваа болест често се нарекува „тивка“ или „подмолна“, бидејќи во многу случаи се развива без очигледни симптоми подолг временски период. Токму затоа многу луѓе ја откриваат дури кога болеста веќе напреднала.
Во крајната фаза на болеста, кога бубрезите веќе не можат да ја извршуваат својата витална функција, преживувањето, потенцираат од Болницата, зависи од една од модалитетите на бубрежна заместителна терапија, како што се:
• Хемодијализа
• Перитонеална дијализа
• Трансплантација на бубрег
Денес во светот повеќе од 4 милиони луѓе живеат благодарение на една од овие форми на третман. Сепак, милиони други немаат пристап до терапија поради високите трошоци или недостатокот на здравствени услуги.
Кои се најчестите причини за хронична бубрежна болест?
Во повеќето случаи, бубрежната болест е поврзана со други хронични заболувања, како што се:
• Дијабетес мелитус (главна причина во многу земји во светот)
• Артериска хипертензија
• Повторливи инфекции на бубрезите и уринарниот тракт
• Долготрајна употреба на одредени лекови
• Опструкции (блокади) на уринарниот тракт
• Кардиоваскуларни заболувања
• Дебелина
• Воспалителни заболувања на бубрезите
• Автоимуни заболувања
• Генетски фактори и семејна историја
Но, добрата вест е дека многу случаи можат да се превенираат или да се откријат рано.
Превенцијата е најсилното оружје против бубрежните заболувања!
Превенцијата не само што го зачувува здравјето, туку е и многу поевтина од напредните третмани како хемодијализата. Раната грижа може да го забави или дури да го запре напредувањето на болеста.
Неколку едноставни чекори кои помагаат во заштитата на бубрезите се:
✔ Редовна контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта
✔ Одржување здрава телесна тежина
✔ Редовна физичка активност
✔ Доволен внес на вода
✔ Ограничување на солта и високо преработената храна
✔ Избегнување злоупотреба на лекови, особено аналгетици
✔ Правење крвни и уринарни анализи, особено кај лица со ризик
✔ Непушење
Раното откривање преку едноставни лабораториски анализи може да направи голема разлика во животот на пациентите.
Здравјето на бубрезите и нашата планета!
Мотото на оваа година истакнува уште една важна димензија: грижата за животната средина. Третманите како дијализата бараат големи количини вода, енергија и медицински материјали. Затоа, пристап кој се фокусира на превенција, рана дијагноза и поодржливи третмани им помага истовремено и на пациентите и на планетата.

Здравјето на бубрезите не е одговорност само на лекарите – тоа е одговорност на целото општество. Информирањето, превенцијата и раната дијагноза можат да спасат животи и да го подобрат квалитетот на животот на милиони луѓе.
На овој Светски ден на бубрезите да се потсетиме дека:
Здравите бубрези значат поздрав живот.
Понекогаш е потребно многу малку: лабораториска анализа, едноставен тест на урина – тест што трае само неколку минути може навреме да го открие проблемот и да спаси живот.
Грижата за здравјето на бубрезите започнува со свесност, редовни контроли и навремено дејствување.
Не чекајте симптоми – проверете се навреме. Вашите бубрези ќе ви бидат благодарни.
Грижете се за вашите бубрези – тие работат за вас секој ден, порачуваат од ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга.
OhridNews














