На денешниот брифинг за медиумите, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, информираше за тековните активности и политики насочени кон справување со аерозагадувањето и унапредување на заштитата на животната средина, нагласувајќи ја посветеноста на институцијата кон транспарентност и отворен дијалог со јавноста.
Министерот информираше дека транспарентноста се зајакнува и преку јавните расправи за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје, која е во тек, и за Законот за природа во април. Хоџа истакна дека законските решенија за Студенчишкото блато и Охридското Езеро набрзо ќе влезат во владина процедура.

Посебен акцент беше ставен на подготовките за воспоставување на дигиталната платформа – Регистар на загадувачи, како клучен механизам за зголемување на транспарентноста и одговорноста. Според Хоџа, преку систематско собирање и јавно објавување на податоци за емисиите, отпадот и користењето ресурси, регистарот ќе обезбеди сигурни и споредливи информации и ќе создаде конструктивен притисок за почитување на стандардите.

На медиумскиот брифинг беше посочено и дека активностите за воспоставување на регионалните центри за управување со отпад продолжуваат со планираната динамика. Дополнително, во моментов се работи на системско и трајно решение за депонијата во Јегуновце, преку анализа на најсоодветни мерки и обезбедување финансиска поддршка.
OhridNews












