Со биење на камбаната точно на полноќ беше најавена радосната вест за воскресението Христово. Велигден ги исполни храмовите на Македонската православна црква во Охрид каде илјадници верници присуствуваа на полноќната богослужба.
Пред верниците беше прочитано Велигденското послание на Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во кое повикува на љубов, толеранција и чување на верата.
Ова е денот што го создаде Господ да се зарадуваме и да се развеселиме во него, повик и за нашиот верен народ да се црквува и во секојнеделното воскресение да празнува примајќи го Христа и поучувајќи се да живее богољубиво и човекољубиво, вели во празничното послание Архиепископот Стефан.
Поглаварот на МПЦ ОА спомена и дека годинава се навршуваат 1.140 години од враќањето во Македонија на светите Климент и Наум од Моравската мисија, со што се организирал црковно-литургискиот живот на Охридската црква и се поставиле темелите на Охридската книжевна школа, а како и 1.110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот на нашата света црква, кој, вели, во радоста на вечниот живот е наш постојан молитвеник и закрилник.
Се навршуваат и 150 години од Разловечкото востание, како и 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност. Еве, овие незаборавни настани, врежани во нашата црковно-национална самосвест, нека ни бидат поттик за да го чуваме споменот за нашите достојни претшественици, кои се вградиле во основата и во обновата на нашата татковина Македонија и на нашата Македонска црква.
Тие, вели поглаварот г.г. Стефан нека ни бидат и порака да ги сочуваме придобивките што ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме давајќи нови плодови.
Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост, па во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!, вели во Велигденското послание Г.Г. Стефан.
За првпат година за Велигден во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник со празничната богослужба во присуство на бројни верници чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.
Велигден се слави три дена, а Охрид во овие пранизчни денови е исполнет со голем број гости од земјава и соседството.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска














