Раководството на Арсенал сериозно ја разгледува опцијата за прекинување на соработката со Арсен Венгер после завршување на оваа сезона, иако францускиот стручњак има уште една година од важечкиот договор.

Навивачите одамна го изгубија трпението и довербата во Венгер, а чашата кај водечките луѓе во Арсенал ја прели убедливиот пораз (3-0) од Манчестер Сити во финалето во англискиот Лига куп.

Како што пренесува Daily Mail, на листата за потенцијален наследник на Венгер има четири сериозни кандидати. Листата ја предводи селекторот на Германија Јоаким Лев, менаџерот на Селтик Брендан Роџерс, Леонардо Жардим од Монако и помошникот на Пеп Гвардиола, Микел Артета кој дел од кариерата помина како играч на Емирати.

Сламка за спас и последна надеж „професорот“ како што го нарекуваат англиските медиуими има во Лигата на Европа каде обезбеди пласман во 1/8 финалето и ќе се сретне со Милан, додека во Премиер лигата „топчиите“ заостануваат цели 10 бодови од четвртопласираниот Тотенхем и немаат кој знае какви шанси за пласман во ТОП 4 екипите во Англија.

Францускиот стручњак палката во Арсенал ја презеде далечната 1996 година и со тимот успеа три пати да ја освои Премиер лигата и еднаш да се пласира во финалето од Лигата на Шампиони. По стаж во еден клуб моментално е број еден во светот, а дали ќе продолжи љубовта ќе видиме по крајот на оваа сезона.

OhridNews