Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“ денес оствари работна посета на Општина Охрид, при што одржа средба со градоначалникот Кирил Пецаков, членовите на Советот и општинската администрација.

На средбата се разговараше за развојните приоритети на општината, тековните предизвици и можностите за нивно надминување преку заедничка координација меѓу централната и локалната власт.

Во фокусот на разговорите беше почетокот на реализацијата на проектот AdvenTour2, кој се спроведува во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Република Грција. Буџетот за Општина Охрид изнесува 187.685 евра, а проектот има за цел унапредување на пристапниот и инклузивен туризам, преку развој на инфраструктура и содржини достапни за сите категории граѓани, вклучително и лицата со попреченост.

Во рамки на проектот се предвидува унапредување на крајбрежната зона со поставување на пристапна опрема, адаптирани содржини и инфраструктура, што ќе придонесе за позиционирање на Охрид како пример за одржлива и инклузивна туристичка дестинација.

Паралелно, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, Министерството за локална самоуправа обезбеди поддршка за јавното комунално претпријатие во Охрид, преку набавка на опрема за детекција и санација на дефекти во водоводната мрежа. Со оваа инвестиција се очекува значително подобрување на ефикасноста на системот и намалување на загубите на вода, кои во моментов се на високо ниво.

Министерот Перински истакна дека Владата и Министерството продолжуваат со конкретна поддршка за општините, насочена кон проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.

Активностите кои ги преземаме за зајакнување на локалната самоуправа се од суштинско значење и тоа веќе се чувствува на терен во сите општини. Не правиме компромис кога станува збор за интересот на граѓаните. Имавме прилика со градоначалникот да поразговараме отворено во делот на приоритетите кои што се за Општина Охрид за периодот кој што ќе следи, кој што треба да се интензивираат во делот на инфраструктурни проекти. Секако се отвори и темата за можноста во делот на апликација на меѓуграничната соработка за коешто Министерството за локална самоуправа е одговорно. Она што го слушнав од градоначалникот навистина ми импонираше. Општина Охрид е финансиски стабилна општина, општина која што инвестира во инфраструктурата, што е основа за овозможување на поквалитетен живот на граѓаните, рече Перински.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека на средбата станало збор за многу значајни проекти за кои што во минатото се обврзале заеднички да ги работат, пред се во она што претставува поддршка на јавните претпријатија и нивен развој, што посочи е значајно и по однос на опрема и по однос на возила, односно приоритет на самите јавни претпријатија.

Секако дека ние како локална самоуправа имаме заедно со министерството и аплицирано, но и добиено доста проекти кои што и за нас лично значеле како локална самоуправа и секако работиме на туристички производи кои што ќе претставуваат дополнително позитивна презентација на општината Охрид во сите оние идни активности кои што за нас ќе се потребни. Оваа соработка не е значајна само сега, него уште позначајна ќе биде и во наредниот период, посебно гледајќи го акцентот на оваа Влада со сите оние повици, посебно два повици во изминатите две години, кои што за нас како општини претставува огромна поддршка, пред се во она што претставува инфраструктурен развој на самите општини. Така да кога на соработката со Министерството за локална самоуправа и она што претставува развој на општината и јавните претпријатија ќе го додадеме инфраструктурниот развој кој што го добивме во овие две години со проектите што ги аплициравме, претставува значаен напредок на општините, односно промена на сликата како сме ги перцепирале порано. Сите оние проекти за кои што долги години сме разговарале, не само во сите општини, туку нормално и најбитно во случајот за Општина Охрид сега или се реализираат, или се пред сама реализација и отпочнување, додаде Пецаков.

Министерот Перински по средбата со градоначалникот оствари средба и со општинската администрација и советниците каде главен фокус беше ставена на веќе отпочнатиот процес во делот на предлог на измените на Законот за меѓуопштинска соработка, која што е суштинска алатка за овозможување на таканаречена заедничка администрација. Истата подразбира поразвиените локални самоуправи да можат да им помогнат на останатите на кои им е потребна помош во делот на администрација.

Беа презентирани и мерките и можностите кои што ги нуди Ресурсниот центар и во делот на пренос на знаење, експертската помош која што се става на располагање на општините, но и во сите останати сфери кои што Ресурсниот центар ги нуди за помош и поддршка на општините.

Инаку, преку двата јавни повика за финансирање на проекти за капитална инфраструктура во општините, Владата за Општина Охрид одобри вкупно 24 проекти во вредност од 562.334.704 денари.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска