Пенелопа-Охридати е една од трите најстари неолитски наколни населби во Европа. Ова го потврдува синтезата на досегашните сознанија од охридскиот регион сместени во трудот публикуван во списанието Патримониум. Во мултидисциплинарните истражувањата на Пенелопа-Охридати учествуваше меѓународен тим со претставници од Завод и музеј – Охрид, Центарот за истражување на предисторијата во Скопје, Германскиот археолошки институт во Берлин, Федералниот институт за технологија во Цирих, Институтот Биосенс во Нови Сад и Националниот археолошки музеј во Скопје.
Овој труд за првпат дава детален преглед во стратиграфијата, хронологијата, архитектурата, исхраната, материјалната култура и природната околина на локалитетот. Тие се базирани на мултидисциплинарни археолошки истражувања во кои се вклучени радиокарбон, дендрохронолошки, археоботанички, зооархеолошки, геоархеолошки и таксономски анализи. На овој начин се прави многу потемелен увид во времето, културните процеси, архитектурата, стопанството и природната средина на предисториските заедници кои го основале овој локалитет. Тие во голема мера се надоврзуваат на претходните истражувања на овој палафит и ги надоградуваат сознанијата за животот во неолитот и халколитот на Охридското Езеро, велат од Центарот за истражување на предисторијата.

Во прилог на тоа оди и нашиот неодамна публикуван труд во престижното списание Archaeometry, каде се објавени и исклучително старите дати за наколната населба Плоча-Миќов Град. Со тоа се потврдува дека најстарите европски наколни населби биле формирани во охридскиот регион во првата половина на 6-от милениум п.н.е. односно при крајот на раниот неолит, посочуваат.
Истражувања, додаваат, се континуитет на плодната соработка меѓу Завод и музеј – Охрид и Центарот за истражување на предисторијата, заедно со Универзитетот во Берн и Универзитетот во Оксфорд, а која се одвивала пред неколку години на локалитетот Плоча-Миќов Град.

OhridNews














