Завршена е постапката за избор на проектант којшто ќе го изработи проектот со целокупната техничка документација за затворање на нестандардната депонија во Буково. Воедно, течат активностите и за претоварната станица во Мауцкер, како и за собирниот центар во Охрид. Очекувањата се претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад во Новаци да се функционални во 2030-тата година. Ова беше посoчено на на денешната средба која се одржа во Општина Охрид посветена на новиот Регионален план за управување со отпад (РПУО), а во насока на воспоставување на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО).

Проектната документација за Буково ќе ни ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затварање на депонијата, така и за фазите и временскиот период во којшто истата ќе биде затворена. Очекуваме дека во текот на следната година проектна документација за депонијата Буково ќе биде завршена. Од страна на Општина Охрид до Министерство за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот предложена е локација за претоварна станица во областа „Мауцкер“. Она што во моментов се работи по однос на проектна документација за претоварната станица е во надлежност на Министерството за животна средина и сите активности по однос на таквата документација се пред министерството и Агенцијата за планирање на просторот. Откако ќе биде завршен тој проект и биде доставена, односно отпочната постапка за издавање на одобрение за изградба на таквата претоварна станица, ние како сектор за урбанизам во Општина Охрид ќе постапиме по поднесениот предлог-проект, информира секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Посочува дека е определена и локација за собирен центар кој ќе се наоѓа на улицата „Железничка“, кај јавното претпријатие „Нискоградба“.

Се работи за дворното место. Уште пред година и пол имавме одлука на Совет со којашто го експроприравме земјиштето коешто беше приватна сопственост, токму за оваа намена, за локација за собирен центар. Со оглед на тоа што веќе локацијата ја имаме, во предлог-буџетот што ќе го носиме во декември предвидени се средства и за промена на урбанистичкиот план. Постапката треба да започне следната година за на таа локација согласно урбанистичкиот план да имаме собирен центар, истакна Китески.

Потенцираше дека регионалниот систем за управување со отпадот е многу значаен, а неговото воспоставување е сложен процес кој опфаќа не само изградба на регионална депонија, туку создавање функционална целина што ќе ги опфати селекцијата, собирањето, транспортот на отпадот, затворањето на постојните депонии и соодветно депонирање на отпадот.

Затоа, посочува, неопходни се инфраструктура, опрема, ефикасни комунални услуги, финансиски средства и институции со капацитет да го управуваат системот.

​Она што е најважно е дека придобивките од овој процес треба да бидат видливи во секојдневниот живот на граѓаните. Очекуваме подобро организирани комунални услуги, помали количини отпад што завршуваат на депониите, почиста животна средина, подобра заштита на здравјето и поквалитетен живот за охриѓани. Сепак, за овие цели да се остварат, потребна е посветеност на сите вклучени страни. Општината и јавните комунални претпријатија имаат важна улога во организирањето и спроведувањето на услугите, но без информирани и активни граѓани нема да може да се постигнат долгорочни резултати. ​Нашата заедничка цел е да изградиме одржливо решение што ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе за почиста и поздрава животна средина во Охрид и целиот регион, додаде Китески.

Воедно, ја истака и поддршката на SALAR International која преку своите активности и пренесување на шведските искуства придонесува за унапредување во управувањето со отпадот.

​Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, појасни дека е иразботен шестгодишен плански документ кој треба да обезбеди институционална, оперативна и финансиска рамка за Пелагониско-југозападниот регион.

​Планот, истакна, дека опфаќа шест клучни приоритети од изградба на функционална регионална инфраструктура, подобрување на институционалните капацитети на регионално и општинско ниво, обезбедување финансиска конструкција, подобрување на селекцијата, затворање на 16 нестандардни депонии и дивите ѓубришта, како и засилена комуникација со граѓаните.

​Самата финансиска рамка е проценета на 45,5 милиони евра во период од шест години, а обезбедени се преку 30 милиони евра од тоа. Има јаз од некои 14 до 20 милиони евра во зависност од тоа колку активности сакаме да спроведеме, посебно во делот на затворање на нестандардните депонии. Очекуваме и претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да се функционални некое време во 2030-тата година. ​Она што останува е да се зајакнат капацитетите, односно самиот начин на работење на комуналните претпријатија да се смени во согласност со барањата на новиот систем. Работата со граѓаните е исто така многу битна, нивно активно учество е интегрален дел од самиот план и од самото управување со отпад, изјави Ангелов.

​Инаку, Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) за Југозападниот плански регион функционира заеднички со Пелагонискиот плански регион и ги опфаќа сите 18 општини од двата региона. Целта е отпадот да се третира преку еден интегриран систем наместо секоја општина да делува самостојно. Сите општини ќе делат заедничка структура – модерен регионален центар во Новаци за управување со отпад со санитарна депонија, претоварни станици што ќе ги скратат транспортните растојанија и намалат сообраќајот, надополнети со општински собирни центри за кабаст и посебни типови на отпад.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска