Советот на Општина Охрид ќе носи одлука за субвенционирање на јавните претпријатија откако на одржаната осма седница беше изгласана програмата. Точката беше дополнета на Дневниот ред согласно насоките и препораките дадени во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) каде се наведува дека потребна е посебна програма за субвенционирање на јавните претпријатија за уредувањето, начинот и постапката за доделување на субвенции на јавните претпијатија.

Мислам дека требеше малку посериозно не од Општината, туку од ЈП-ја да се седне да се направи програма, односно веднаш после забелешките, бидејќи сигурно сте се консултирали меѓу себе, дека ќе треба програма, а ова е набрзина донесена програма бидејќи прво не беше составен дел од Дневниот ред, туку дополнително беше доставена. Гледајќи од ставките мислам дека пак средствата нема да бидат употребени онаму каде што треба да се употребат. Најголем дел од субвенциите до сега се трошеа, најверојатно, најголем дел не сите, за консолидирање на финансиското работење на јавните претпријатија односно да може да се дадат плати. Ако не беа тие субвенции од 6 јавни претпријатија 4 ќе беа со минусно салдо. Значи без овие субвенции, јавните претпријатија не можат, некои и со субвенции, некои и без субвенции, да работат ликвидно. Целта на субвенциите не треба да биде консолидирање на финансиското работење на претпријатијата, туку да се даваат овие средства за конкретни проекти коишто ќе донесат дополнителна вредност, рече Костоски.
Овие субвенции, независно дали биле давани согласни закони или не, се даваа селективно, без никакви услови и принципи, рече советникот Иван Димкоски кој воедно предложи и амандман за кој посочи дека е во насока да се стимулираат интелектуално и инвестиционо јавните претпријатија, да се поангажирани и да ги искористат сите капацитети.
За таа цел, дополнувањето би било со точка која ќе ги конкретизира условите особено за јавните претпријатија кои номинално покажуваат добивка, односно претпријатија кои немаат потреба од субвенции. И тоа би гласело, посебни услови за остварување на правото на субвенција за претпријатијата кои прикажале вишок на средства од работењето во изминатата година. Ќе се повикам на одредбата од Законот за јавни претпријатија којашто е доста конструктивна и ја разработува инвестиционата можност, место да се акумулираат добивки, истите да се предвидат и да се инвестираат, ќе се користат наменски и ќе донесат додадена вредност на претпријатијата. Затоа сметам дека треба овие посебни услови да ги донесиме и тоа: услов за остварување на ова право на јавните претпријатија кои прикажале вишок во завршната сметка за изминатата година е изготвување на инвестициска програма со опфатени или предвидени најмалку 70% на средствата од вишок односно добивката. И втора, поточка, инвестиционата програма да се изготвува во корелација со општинската администрација, додаде Димкоски.
Секретарот на Општина Охрид Александар Китески посочи дека во предлог програмата се наведува дека за постапката за доделување средства јавните претпријатија доставуваат барање за субвенции, финансиски план и програма за работа со образложение за потреба на средства.
Со ова програма ќе се знае точно за што се искористуваат средства што им се даваат на јавните претпријатија како субвенции. Во истата се наведува дека стручните служби на општината ја анализираат потребата и оправданоста. Одлуката за доделување на средства ја донесува Советот на Општината на предлог на Градоначалникот. Значи откако Градоначалникот ќе добие барање со финансиски план и програма за работа, по анализата дали има потреба од таква субвенција, ќе се носи предлог одлука и ќе се достави до советниците. Советот ќе носи одлука за што ќе се користат средствата. Сметам дека нема потреба од амандман за оваа програма. Во самата документација што ќе се доставува пред советниците ќе се види точно планот и програмата на јавните претпријатија, додаде Китески.
Програмата за субвенционирање на јавните претпријатија беше изгласана со 17 гласа за и 6 воздржани.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска













