Во издание на ПНВ Публикации од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид од печат излегоа првите два тома од четиритомникот „Избрани дела“ од Славе Ѓорѓо Димоски: „Поезија“ и „Песни и поеми“. Во двата тома е објавено целокупното поетско творештво на Ѓорѓо содржано во претходно објавените книги на поетот и тоа, во првиот том се содржани песните од книгите објавен од 1979 до 1999 год. а во вториот од 2007 до 2024 година.

Кон целокупното поетско творештво на Славе Ѓорѓо Димоски се осврнува Венко Андоновски во студијата (над 70 страници) поместена во вториот том со наслов: „Сјајот на планетата населена од едно бушаво дете“.

Славе Ѓорѓо Димоски е жив класик на современата македонска поезија. Веќе четири и пол децении е незамисливо да се состави антологија на македонската поезија без неговото име, како што е тоа неможно и без имињата на неговите славни претходници: Блаже Конески, Анте поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски или Михаил Ренџов, Санде Стојчевски и Ефтим Клетников. Димоски е сосема јасна, светла, топла планета во соѕвездито на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува и како македониум, духовен елемент во менделеевата табличка на елементите. Елемент кој според него ја дефинира суштината на македонското битие. По ова мое патешествие низ критиката за поетот и неговата поезија, се надевам знаеме бар нешто основно за таа планета. Ги знаеме нејзините континенти (опсесивни топоси), ги знаеме морињата (означителската и стилистичката супстанција), кои удираат со бранови врз континентите и ги гравираат со ерозијата на душата. Знаеме уште дека таа планета е бушава и сјајна. Им. Некои со голо око, некои со телескоп. Бушава е како она дете што чита (од мотото на оваа студија, а врз кое се спушта „сенка со студени прсти“. Треба одбрана од тие студени прсти на светот. Таа одбрана е – поезијата. Таа работа, тој филигрански занает на одбрана од студениот порив на светот, го знае она бушаво дете во Славе Ѓорѓо Димоски, дете-поет што чита.Што чита? Ја чита книгата на светот. А како ја чита? Пишувајќи. Со гравури и бравури, вели Андоновски.

Славе Ѓорѓо Димоски е автор на шеснаесет поетски книги, дваесет му се преведени на странски јазици, а одделни песни и поетски циклуси на над триесет и пет јазици. Добитник е на најзначајните награди за поезија што се доделуваат во Македонија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, „Григор Прличев“, „Книжевен жезол“ и др., а е двоен добитник и на највисокото општинско признание: „Свети Климент Охридаки – Патрон на Охрид“ (2000 и 2012 г.) и неколку во Европа, меѓу кои „Гран при на Европа за поезја (за целокупното поетско дело)“ – Романија, Орден „Златна есен – Сергеј Есенин“ (за придонес во светската литератута) – Русија, „Арка“ ) за најдобра книга од странски автор во 2023 г.) – Србија и др.

Промоцијата на првите два тома ќе се одржи на претстојниот Саем на книгата во Скопје, а кон средината на мај во Охрид.

OhridNews