Утре во Култ Културен Центар Охрид ќе биде отворена изложбата „Шепоти од камењата“ на Матеј Богдановски.

Уште во самиот наслов на изложбата се насетува суптилниот пристап на уметникот, препознатлив само за него. Боите доминираат со својата силина, а истовремено нежно ја шепотат приказната на каменот, вели Марија Христовска.

Матеј Богдановски се определува да преработи еден од основните природни елементи – каменот. Во неговите дела, овој најзастапен материјал добива димензија на уникатно уметничко парче. Студениот природен елемент во неговите слики е исполнет со топлина – топлина што зрачи кон гледачот и го повикува на доживување и уживање, посочува.

На изложбата во Култ Културен Центар во Охрид, посетителот, потенцира, има можност да го почувствува „шепотот“ на камењата, кои авторот самиот ги пронаоѓа во Охрид, во Охридското Езеро и неговата околина.

На тој начин се создава автентична и длабока врска помеѓу делата и просторот во кој тие се изложени. Шепотот на камењата, пренесен преку живописниот колорит на Богдановски, допира до нас и долго останува во нашите мисли, продолжувајќи да нè импресионир, истакнува Христовска.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот.

OhridNews