Зад убиството на 76-годишниот Климе Митрески, што ја вознемири јавноста во Охрид, стои 53-годишниот анестезиолошки техничар од Брвеница, тетовски, вработен во јавното здравство, Жарко Грозданоски. Тој беше уапсен вчера во неговото родно место.
СВР Охрид против Грозданоски поднесе кривична пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, став 2, што укажува дека мотивот бил користољубие.
Тој, на 25.03.2026 година околу 18.30 часот, во домот на К.М.(76) од Охрид, предизвикал вербална расправија по што, искористувајќи згодна прилика, физички го нападнал а потоа со раце предизвикал негово задушување. СВР Охрид, по преземени мерки и координација со МВР и јавниот обвинител, вчера (27.03.2026) распиша централна потерница по што, во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, го пронајдоа сторителот и го лишија од слобода, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во јавноста се шпекулира дека причина за свирепото убиство била материјална корист што убиецот сакал да ја стекне, откако наводно се договорил со жртвата доживотно да се грижи за него, а за возврат да го добие во наследство атрактивниот имот на охридското кале каде некогаш работеше угостителскиот објект „Климентов конак“. Димоски вели дека во моментов не може са се потврдат таквите наводи, но истакна дека постојат индиции дека мотивот за убиството можеби е користољубие.
Се работи дополнително на расветлување на сите околности на убиството, рече Димоски.
Осомничениот за убиството во Охрид на својот Фејсбук профил се претставува како магистер на медицински науки и автор на книгата „Одмазда“ – трилер кој говори за темнината на човековото срце. Тој е еден од лидерите на движењето „Христијанско братство“ со седиште во Брвеница, формирано во 2015 година. Негови членови учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во собранието на 27 април 2017 година.
Грозданоски им бил познат на службите од порано. Против него во 2019 година поднесена е кривична пријава за говор на омраза насочен кон тогашниот премиер Зоран Заев.
Г.М.
Фото: Илустрација – Freepik














