Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид од денес започна со примена на нова метода во третманот на периферна артериска болест со користење на системот Jetstream Atherectomy. Денес во Болницата во Охрид ќе бидат изведени зафати кај три пациенти со новата метода- механичка ротациона атеректомија.
Во рок од два месеци во нашата установа се воведе уште една нова процедура дирекна артериска тромбендаректомија ротациона на крвни садови изразито калцифицирани, бидејќи нашите пациенти се генерално со изразито калцифицирани периферни артериски крвни садови. Оваа метода за првпат се воведува во Македонија и во нашата Установа. Денес имаме три пациенти. Во план е оваа процедура да продолжи и понатаму, да ја воведеме како постојана со цел унапредување и лекување на периферната артериска болест во Македонија и нашата Болница. За оваа година планирани се вакви зафати кај седум пациенти, со надеж дека понатаму ќе имаме многу повеќе. Ние ги третираме пациентите со периферна артериска болест од цела Македонија, па се надеваме дека во периодот кој следува бројот на пациенти и вакви процедури ќе се зголемува, вели кардиологот од охридската болница, Д-р Дејан Манчески.

Воведуваме една нова модерна процедура која не се работи ниту во сите европски центри. Денес ќе имаме три пациенти што е сосема доволно оваа процедура да се воведе во стандардната клиничка пракса во Болницата во Охрид и се надевам дека истата ќе заживее и ќе продолжи да се спроведува кај повеќе пациенти, посочи Доц. Д-р Цветиќ.

Со оваа процедура кај овие пациенти се подобрува квалитетот на животот, се минимизира потребата од хируршките интервенции и се спречува инвалидитетот. Голема благодарност упатуваме до Фондот за здравствено осигурување на Македонија и директорот на чие разбирање наидовме и за 2026 година ни се одобрени воведување на пет нови процедури со 40 интервенции за што ни е одобрен буџет од 6 милиони денари за набавка на скапиот потрошен материјал. Се ова е признание на постигнувањата и поддршка за натамошен развој на нашата Болинца, додаде Д-р Теговска.
Кардиолошкиот центар во Охрид за првпат во земјата ја воведе методата механичка ротациона атеректомија за третман на периферна артериска болест
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска





















