Првиот четвртфинален натпревар помеѓу Јувентус и Реал Мадрид кој заврши со триумф на гостите (0-3) помина во знакот на Кристијано Роналдо. Португалецот со два голови и една асистенција го предводеше кралскиот клуб до голем триумф кој во голема мера значи пласман во 1/2 финалето.
– Одигравме многу добар натпревар против квалитетен противник и остваривме неверојатен резултат на гостински терен. После вториот погодок на Роналдо и црвениот картон на Дибала работите „легнаа“ и беше лесно да се игра. Претходно, Јувентус напаѓаше и ни создаваше проблеми во одбраната. Ние со Роналдо со уживаме на теренот и во соблекувалната и вистински дар е да се игра со него заедно. Тој тренира како машина секој ден и не изненадува со својот пристап на секој следен тренинг. Не само вечерва, тој е неверојатен секогаш, едноставно најдобар ! – потенцираше Касемиро.
Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан не сакаше премногу да крева еуфорија и се обиде да ја смири топката и покрај победата изразена со три голови разлика.
– Едно знам дека Јувентус нема да се откаже и покрај нашата победа од 3-0. Не е лесно да се победи Јувентус, а особено не со 3-0. Играчите на Реал Мадрид треба да бидат среќни што го имаат Роналдо покрај себе, бидејќи од ден на ден тој е се подобар и подобар. – истакна Зидан.
Францускиот стручњак за реваншот не ќе може да смета на Серхио Рамос кој доби втор жолт картон, но ќе го има „чист“ за дуелите од 1/2 финалето.
OhridNews