Поради тоа што не извадиле нов пасош по промена на личните податоци, околу 300 Македонци заработиле парични казни, јавува порталот ,,Кирилица”. Ова се должи на одредба од Законот за патни исправи која Министерството за внатрешни работи започна да ја применува неодамна.

Според податоците на  МВР, досега се поведени 301 прекршочна постапка во кои се изречени 202 глоби и 99 опомени. Сто евра изнесува просечната казна, додека оние за кои инспекторите утврдиле дека флагрантно го кршеле законот изречена им е највисоката казна од 500 евра.

-Врз висината на изречената глоба влијаат околностите под кои прекршокот е сторен, па доколку прекршокот е сторен под особено олеснувачки околности, се врши и ублажување на глобата до општиот законски минумум, а согласно одредбите од Законот за прекршоци – велат од МВР.

Иако Законот е донесен уште во 2007 година, МВР реши да прекине со толеранција на несовесните граѓаните пред околу еден месец.

Оттогаш голем број на граѓани кои отишле да го заменат пасошот беа изненадени кога од шалтерот во одделението за патни исправи биле повикани на разговор со инспектор, а потоа испратени пред судија за прекршоци.

Најчесто со ваква ситуација се соочуваат мажените жени кои откако се венчале, го промениле своето моминско презиме или на истото го додале презимето на сопругот, а во меѓувреме не го промениле пасошот.

OhridNews