Денес, по една година, се собравме во оваа сала за да се потсетиме, да размислиме и со почит да им оддадеме чест на животите што згаснаа. Се собравме како ретко кога, не како власт и опозиција, не како претставници на партии или на институции, туку како општество што беше длабоко повредено. Тука сме како луѓе што ја споделуваат болката на овие семејства за да им испратиме порака дека во оваа болка не се сами. Бранот на оваа болка нè зафати сите. Тој донесе тага, потрес, солидарност, но и тензии, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќањето на комеморативната седница за годишнината од пожарот во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.


Споменот на жртвите од Кочани треба да живее во секој од нас: секогаш кога еден родител ќе го прегрне своето дете, секогаш кога еден млад човек ќе ги гради своите соништа, секогаш кога еден професионалец ќе ја врши својата работа чесно и секогаш кога една институција ќе постапува одговорно – тоа треба да биде одговорот на оваа трагедија. Можеби тоа е најдостоинствениот начин за да ги паметиме и да им оддадеме почит, за ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат и ниту едно друго семејство да не доживее ваква болка, рече Гаши.

Трагедии како оваа ни покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема одошто проценуваме и дека правдата е поважна отколку што замислуваме. Затоа е суштински важно надлежните институции – Јавното обвинителство, судовите, Министерството за внатрешни работи и сите истражни органи – да работат во овој процес со професионализам, независно и целосно транспарентно. Правдата не треба да биде ниту пребрза, поради политички ефект, ниту пак, задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството. Ги охрабрувам институциите на правдата својата работа да ја извршат професионално и овој предмет точно да ги адресира грешките и виновниците за оваа трагедија. Тоа е единствениот начин да се ублажи болката на оние што ги загубија своите најмили, но и лекција дека спроведувањето на законот во нашата држава е обврска од која никој не е амнестиран, додаде претседателот на Собранието.
OhridNews












