Компјутерскиот томограф во Општата болница Охрид  е вон употреба веќе подолг период, а пациентите за оваа услуга се препраќаат во другите блиски установи. Овој апарт низ годините е сервисиран неколку пати и според директорот на Болницата, Д-р Горан Маркоски, не е исплатливо повторно негово сервисирање. Затоа, вели, ќе се набавува нов.

Kомпјутерскиот томограф во Општата болница Охрид е надвор од функција речиси пет месеци. Разговарано е и со директорот на Фонд за здравство на Република Македонија, исто така и со Влада директно е разговарано. Очекувањата се дека во најбрз можен рок ќе се набави комплетно нов томограф, затоа што стариот кој е петнаесетина години е амортизиран. Во дефект е цевката чијашто замена изнесува девет милиони денари. Доколку би се сменила, таа би била четврта цевка по ред, па затоа скоро неисплатливо е повторно да се сервисира. Набавката на нов томограф ќе е малку на повисоко ниво. Нема да е јавна набавка директно од нашата установа, така да останува да видиме од другите институции, вели Д-р Маркоски.

Пациентите во меѓувреме се препраќаат за оваа услуга во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, како и во Општата болница од Струга.

Досега не сме наишле на некаков проблем. Нашите пациенти се добро прифаќани од двете институции и услугата како услуга редовно се сервисира кај пациентите, посочува.

Што се однесува до лапароскопските интервенции Д-р Маркоски истакнува дека истите се изведуваат на Одделенијата за хирургија и урологија, а за брзо време ќе бидат воведени и на Одделението за гинекологија.

Имаме два столба за лапароскопски интервенции од коишто функционираат двата. На едниот столб работи Одделението за хирургија, на другиот столб работи Одделението за урологија, каде што доаѓаат и еминентни доктори од Клиника за урологија и изведуваат сериозни комплицирани лапароскопски интервенции. Како Одделение за гинекологија и акушерство имаме склучено договор со Клиниката за гинекологија за уште тројца колеги кои што би доаѓале во нашата институција, кои што конкретно би се занимавале заедно со нас како гинеколози акушери точно со оваа проблематика, односно со лапароскопска хирургија, вели Д-р Маркоски.

Очекувањата се дека во најбрз можен рок ќе се започне со лапароскопски операции на Гинекологија, односно некаде од месец април.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска