Бадникови поворки – здружение за возобновување на традициите за првпат оваа година организира Лазарова поворка по повод верскиот празник Лазарова Сабота. Лазаровата поворка е настан од духовен карактер и опфаќа движење на околу 200 помлади деца со нивни родители.

Поворката се формира и тргнува денес во 11.00 ч. од градскиот плоштад Св. Кимент Охридски. Движењето продолжува низ охридската чаршија, до храмот Успение на Пресвета Богородица – Каменско.

Очекувано завршување на настанот е во 12.00 часот кај храмот Успение на Пресвета Богородица – Каменско.

Во нашата културно-народна традиција, овој ден се одбележува со Лазареви поворки. Обичајот бил широко распространет, а во него особено биле вклучени училишните установи. Така, во пресрет на празникот, децата, заедно со своите родители, повозрасни роднини и другарчиња, собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња и потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите каде што ги принесувале насобраните букети, велат од Бадникови поворки – здружение за возобновување на традициите.

Следниот ден, посочуваат, на празникот Цветници – влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, овие врбови гранчиња се раздавале на верниците, а со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите.

До Цветници децата минувале и низ маалата и насекаде ја носеле празничната радост, додека од Велики Понеделник започнува Страдалната седмица, кога се практикува тишина и позасилена молитва во спомен на значајните настани кои се случиле во тие денови. Лазаревите Поворки претставуваат значаен дел од нашето богато духовно и културно наследство, посочуваат од Здружението, упатувајќи покана за учество во оваа радосна поворка, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови.

OhridNews