Охридска гимназија „Св. Климент Охридски“ за две години има 4 паралелки помалку за упис во прва година. Од 2024 до 2026 година од 8 паралелки, лани беа 6 односно за 2 помалку, а на сегашниот конкурс за упис за учебната 2026/2027 година има само 4 паралелки во прва година, реагира поранешната пратеничка од СДСМ, Жаклина Лазаревска и просветен работник по објавениот Конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година од страна на Министерството за образование и наука (МОН).

Ова во пракса значи за 3-4 години 50% помалку часови односно 50% од наставниот кадар технолошки вишок. И ова се случува на Гимназијата од која излегле голем број академици, професори д-р, научници, лекари, информатичари, правници, инжињери, архитекти…, изградени и докажани луѓе во своите професии и општествено политичкиот живот. Апел до сите чинители, функционери, пратеници, советници да не дозволат Охридската гимназија да биде донесена до ваков незавиден статус. Гимназијата не заслужува ваков третман, посочува Лазаревска.

Од Гимназијата велат дека постапката за упис на ученици за следната учебна година ќе се изврши согласно условите кои се дефинирани во Конкурсот за упис на ученици објавен од страна на МОН, но и дека бројката на паралелки не е конечна.

Меѓутоа, напоменуваме дека бројот на паралелки кои ќе се формираат не е конечен и истиот ќе зависи од бројот на пријавени ученици кои ги исполнуваат условите за упис. Од страна на локалната самоуправа изминатите години сме имале целосна поддршка во однос на финансирањето на училиштето и во делот на обезбедување на платите на вработениот кадар, и очекуваме и во иднина таа поддршка да продолжи, потенцираат од училиштето.

Н.С.Ј.