По повод одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, НУ Библиотека „Григор Прличев” – Охрид распишува литературно-ликовен конкурс на тема: „Азбуката не’ повикува- пишуваме во чест на свети Кирил и Методиј”.

Конкурсот е наменет за ученици од основните училишта од општина Охрид и подрачните училишта, со цел да се поттикне креативноста кај најмладите, љубовта кон пишаниот збор и почитта кон ликот и делото на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј. Учениците може да учествуваат со поетска творба, расказ или есеј посветен на животот, делото и значењето на свети Кирил и Методиј, кои со својата просветителска мисија оставиле неизбришлива трага во словенската писменост, култура и духовност, велат од Библиотеката.

Литературните творби, посочуваат, треба да бидат напишани во Times New Roman, со големина на фонт 12, со македонска поддршка на кирилица.

Задолжително треба да се наведат и следните податоци:
– име и презиме на учесникот
– име и презиме на ментор (доколку има)
– име на училиштето
– контакт – адреса и телефонски број.

Творбите може да се достават најдоцна до 20 мај 2026 година на електронската адреса: [email protected], или лично во библиотеката, во затворен коверт со назнака: „За учество на литературно-ликовен конкурс- „Азбуката не’ повикува”.

Со овој конкурс, НУБ „Григор Прличев” ги повикува младите творци преку својот талент и креативност да ја продолжат традицијата на писменоста и да оддадат почит на светото дело на свети Кирил и Методиј, додаваат.

OhridNews