Во Њујорк, САД ќе биде отворена изложбата на уметнички дела со наслов Патување низ бои: Духот на Балканот во Њујорк на Меѓународната ликовнa колонија „Вевчански видувања“, која преку современ визуелен израз ја претставува инспирацијата од традицијата, културата и уникатниот дух на Вевчани.

Изложбата обединува дела инспирирани од препознатливите мотиви на Вевчани – неговата богата културна историја, природните убавини и живописните симболи на познатиот Вевчански карневал. Преку различни уметнички техники и стилови, авторите нудат лични интерпретации на ова место кое претставува значаен дел од македонскиот културен идентитет, вели претседателката на Меѓународната ликовнa колонија „Вевчански видувања“, Ефимија Угриновска Кукоска.

Настанот, потенцира, има за цел да ја приближи македонската култура до меѓународната публика и да создаде простор за културна размена и дијалог меѓу уметниците и љубителите на уметноста во Њујорк.

Изложбата ќе се трае од 16-25 март во “Gallery Mc” во Њујорк, а приемен ден ќе биде 20 март (петок) од 18 часот со присуство на уметници, претставници на културни институции и гости од уметничката сцена. Ќе бидат претставени дела на уметници пред се од Македонија како и од Србија и Бугарија, додава Угриновска Кукоска.

Изложбата „Патување низ бои: Духот на Балканот во Њујорк“ е можност за промоција на македонската уметност и традиција на светската културна сцена, пренесувајќи ја приказната за Вевчани преку современата уметничка перспектива.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.

OhridNews