Државната агенција МИА објави оригинален документ од предлогот на Метју Нимиц од 7 октомври во 2005 година, на кој како што се наведува, со ознака за доверливост, е содржано писмо на медијаторот Метју Нимиц до преговарачите Никола Димитров и Адамантиос Василакис, предлог за решение на името и анекс на предлогот во кој се прецизирани идентитетските прашања.

Подоцна Игор Џундев од постојаната мисија на Република Македонија во ОН го испраќа предлогот до тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски, тогашниот премиер Владо Бучковски и тогашниот министер за надворешни работи Илинка Митрева.

Во предлогот во точка Ц, јасно стои дека идентитетските прашања ќе бидат содржани во анексот на документот, кој е даден во прилог. Во анексот на документот на кој се повикува предлогот, во делот на националност нема македонски, „macedonian“, туку постои терминот „граѓани на Република Македонија“, како ознака за националноста.

Во делот за јазикот наместо „македонски“-„macedonian“, стои „македк“-„macedc“, пренесува МИА.

Овој предлог во 2005 година беше прифатен од сите политички партии, освен од ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Никола Груевски го напушти состанокот. Деновиве, владејачката партија го обвини Црвенковски дека со прифаќањето на овој предлог тој ги внел идентитетските прашања во разговорите со Грција. Црвенковски тврдеше дека тој предлог ги гарантирал идентитетските прашања. Во вчерашно интервју на една национална телевизија тој повторно истакна дека идентитетот е гарантиран.

Анексот на предлогот на Метју Нимиц од октомври 2005 го потврдува спротивното, стои во инфопрмацијата што ја објави МИА.

OhridNews