Изградбата на сите делници од Коридорот 8 се одвиват според предвидената динамика. Моментално се работаат галериите, имавме мала потешкотија, посебно во делот на обезбедување средства за довршување на делницата Кичево – Охрид, затоа што заемот кој што го добивавме од кинеската Ексим Банка повеќе не го добиваме, но бргу се реорганизиравме и тој проблем е надминат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Струга во однос на тоа како се одвиваат работите на изградбата на автопатиштата низ државата.

Формиран е синдикат од домашни банки, со исклучително поволни услови и практично тие домашни банки ќе го дозавршат финансирањето и тоа ќе биде последно, и со тоа конечно таа делница ќе биде функционална, потенцираше премиерот.

Посочи дека напредуваат градежните работи и на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар- Букојчани, како и на делницата Прилеп – Битола.

Конечно е предаден извештајот до заемодавателите за делницата Букојчани, приклучок Кичево, на автопатската делница Кичево-Охрид, така што во тој дел сум исклучително задоволен. Исто така напредува реализацијата на делницата Прилеп – Битола која што е дел од коридорот 10Д, појасни  Мицкоски.

Н.С.Ј.