Заокружувањето на проектот „Плаошник“, кој е почнат одамна, а се уште недовршен, најави при вчерашната посета на Охрид, премиерот Христијан Мицкоски. При тоа посочи дека се одвоени средства за дополнување на проектната документација.

Оваа година имајќи ги предвид можностите на буџетот одвоивме скромна сума на средства, но важно е да се доподготви проектната документација и следната година многу посилно да се излезе на терен и мислам дека со проектите коишто сега се реализираат и ќе се реализираат ќе дојдеме до една би рекол физиономија којашто ја заслужува Охрид и охридското крајбрежје. Тука составен дел е и новиот автопат којшто со несмалена динамика се гради и покрај сите предизвици коишто како Влада ги имаме. Така што остануваме на оние претходни датуми, остануваме на оние претходни прогнози за завршување на сите овие проекти и додефинирање на другите проекти и приоритети коишто во периодот што следи ќе бидат реализирани, додаде Мицкоски.

На почетокот на 2000-те, за време на владата на Љубчо Георгиевски на Плаошник беше возобновена Свети Климентова црква Св. Пантелејмон и беше откриено дел од вредното културно наследство од ранохристијанскиот период.

Во 2011 година владата предводена од Никола Груевски го претстави проектoт за возобновување на Св. Климентовиот универзитет на Плаошник, кој според првичниот план предвидуваше изградба на 23 објекти. Подоцна нивниот број беше намален на 12, за по објавувањето на извештајот на УНЕСКО во 2014 годинада биде сведен на 6. Од предвидените останаа резиденцијалниот објект на МПЦ, конак, Богословскиот факултет, библиотека и музејскиот комплекс со галерија на икони и центар за хуманистички науки. Според најавите истите требаше да се готови до 2017 година.

Во 2024 година беше посочено дека по застојот на активностите од 2017 до 2024 година се обезбедени средства со ребаланс на буџетот, а во 2025 година Охрид доби 36 милиони денари за возобновување на Свети Климентовиот универзитет. Премиерот Мицкоски сега најави целосно заокружување на проектот Плаошник.

Премиерот Мицкоски при вчерашната посета посочи и дека согласно претходните најави автопатот Охрид Кичево се очекува целосно да биде функционален најдоцна во првиот квартал од 2027 година.

Многу е важно кога патувате накај Охрид и кога ќе можете да го видите прогресот на автопатот којшто е пуштен во сообраќај и којшто очекуваме согласно претходните најави да бидат целосно пуштен од Кичево до Охрид, еве најдоцна да речеме првиот квартал од 2027 година. Знаете со какви предизвици се соочувавме. Беше откажан кредитот од страна на кинеската „Ексим“ банка, па со домашните комерцијални банки направивме синдикат и проектот ќе биде реализиран целосно до крај, рече Мицкоски.

Н.С.Ј.