Со засилена динамика се одвиваат градежните активности на повеќе позиции долж трасата на автопатот Охрид-Кичево, вели премиерот Христијан Мицкоски по денешниот увид на терен заедно со министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Посочува дека во изминатиот период се изградени 37 километри автопат, од кои 34 километри се веќе пуштени во сообраќај на делниците Пресека – Песочани и Требеништа – Охрид.

Активно се работи на вијадукти, галерии, паралелни пристапни патишта, како и на поставување заштитни мрежи и еластична одбојна ограда. На терен во просек се ангажирани околу 950 работници и повеќе од 400 машини и механизација, со цел проектот да се реализира согласно предвидената динамика. Дел од трасата е веќе пуштен во сообраќај, а на терен секојдневно се ангажирани голем број работници и механизација со цел проектот да се реализира согласно предвидената динамика. Како Влада остануваме целосно посветени на реализацијата на овој стратешки инфраструктурен проект, со цел граѓаните да добијат безбеден, модерен и функционален автопат, потенцира Мицкоски.

Министерот Николоски посочи дека автопатот Охрид-Кичево ќе се заврши при крајот на 2026 година согласно предвидените рокови.

Силно напредува изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Свлечиштата на автопатот Охрид-Кичево, проблем кој ја блокираше целата изградба на автопатот, го решивме со најголемиот инженерски потфат во овој регион, со изградба на таканаречени галерии. Со вкупно 14 галерии на цела траса создаваме безбеден автопат, автопат кој треба да биде сржта на економијата на западниот дел од земјата, вели Николоски.

Инаку, според претходните најави автопатот Охрид-Кичево ќе се заврши со домашно финансирање.

Н.С.Ј.