Проблем не е само цената на нафтата, случувањата на Блискиот Исток создаваат ризици од разни аспекти, кои може да се рефлектираат, како недостиг на горива и репроматеријали, предупредуваат странските инвеститори во земјата. Засега нема видливо директно намалување на нарачките, но забележани се мали флуктуации, вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странските инвеститори и генерален директор на Костал Македонија.
Драстично намалување сè уште не постои бидејќи има несигурност и сите чекаат да видат што ќе се случи. Ситуацијата е флуидна, но не можам да кажам директно дали и во колкав обем ќе има влијание со нашите клиенти, истакна Мизо.
Ова е глобален проблем, вели Мизо, но треба да се изнајдат можности компаниите во Македонија да бидат поконкурентни од сестринските фирми. Дури и ако помалку се намалите од вашата конкуренција, пак сте подобри, додава тој.
Не е важно дали сме лоцирани во Македонија или нашиот конкурент е лоциран во која било друга држава, така што зголемените трошоци за енергенти, петрохемиски материјали или репроматеријали ќе се рефлектираат на ист начин. Ова значи ќе биде погодена индустријата глобално и потенцијалното намалување на побарувачка ќе се одрази на сите места и потоа можеби ние на кој начин можеме да ја креираме можноста да бидеме поконкурентни од нашите сестрински компании во Европа и намалувањето во Македонија да биде помало отколку на друга алтернативна локација, вели Мизо.
Тој укажува на можни ризици од зголемување на трошоците за работа предизвикани од кризни ситуации, предупредувајќи дека доколку производството на странски инвеститор во земјава се префрли во која било сестринска компанија во Европската Унија, нема повторно да се врати тука.
OhridNews













