Молитвено торжество и поклонување на светите мошти на Св.вмч.Недела ќе се одржи на 25 и 26 април во манастирот „Св. Великомаченица Недела“ во селото Оровник. Од Дебарско-кичевската епархија упатуваат повик до верниците да присуствуваат на овој свет чин.

Светите мошти, кои специјално за оваа пригода со верски ритуал ќе бидат донесени од храмот „Света Недела“ во Битола, ќе бидат пречекани на 25 април во 17 часот пред црквата „Св. Илија“ во Оровник. Оттаму ќе започне свечена литија со иконата и моштите, која ќе се движи до манастирот – чин што се очекува да обедини голем број верници од Охридско и пошироко. Истиот ден во 18 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба, а предвидена е и културно-уметничка програма која ќе почне во 19:30 часот.
Централниот духовен настан ќе биде следниот ден, кога ќе се служи утрена богослужба во 7:30 часот, по што следува во 9:00 часот пречек на Митрополитите г.Георгиј Дебарско – кичевски, г.Петар Преспанско – пелагониски и Епископот Хераклејски г.Климент, архиерејска Литургија, мал водосвет и прекршување на славскиот колач. Во 11: 30 часот ќе се одржи културно – уметничка програма.
Овој прв ваков настан во Оровник не е само религиски чин, туку и потврда за живата вера и почитта кон традицијата што со векови се негува во Охридскиот крај, создавајќи духовно наследство што обединува генерации.
OhridNews












