Под мотото „Да живееме едни со други, а не едни покрај други“ охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ на 29 април со почеток во 12 часот во дворот на училиштето организира голем мултикултурен настан и Отворен ден.

Преку настанот, велат од училиштето, ќе ја пренесат силната порака дека со почитување на различностите се гради средина на меѓусебна соработка и мултикултурно богатство.

Во пријатна и динамична атмосфера, учениците и професорите ќе претстават програма исполнета со креативност, знаење и заедништво. Овој настан ќе биде и Отворен ден на Гимназијата каде посетителите ќе имаат одлична можност да се запознаат со наставниот процес, работата и функционирањето на училиштето. Ќе се слуша музика и ќе се пеат песни на повеќе јазици, а уметничките и едукативните активности ќе бидат застапени преку цртање, сликање, јазични игри, научни експерименти и интерактивни содржини од различни области.

Настанот, посочуваат, ќе понуди и креативни изработки инспирирани од математиката, физиката и хемијата, запознавање со историски личности, филозофски мисли, како и можност за „патување“ низ различни култури и образовни искуства, вклучително и програмата Еразмус+.

Сето тоа е одраз на знаењата и вештините кои учениците ги стекнуваат во текот на наставата. Учениците и професорите посветено работат цела година за да подготват интересни и оригинални содржини, преку кои секој актив ќе се претстави на најдобар можен начин. Овој настан претставува одлична можност да се претставиме пред идните ученици, нивните родители и пошироката јавност, како и да го најавиме месец мај како продолжение на кампањата Отворени врати на Гимназијата, потенцираат.

Воедно упатуваат покана до сите основци и нивните родители да присуствуваат на настанот, да се запознаат со наставниот процес, да поразговараат со учениците и професорите.

Настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид.

OhridNews