На 25 март во 1860 година, пред 165 години на традиционалниот конкурс за поема, што се одржал во Атина, македонскиот поет Григор Прличев добил Ловоров венец за поемата „Сердарот“ и бил прогласен за втор Хомер.

Прличев е роден во Охрид, на 30 јануари 1830 година. Починал на 6 февруари 1893 година во Охрид и останал еден од темелните македонски преродбеници и писатели од 19 век.
По повод одбележување на денот кога Прличев ја добил наградата за поемата „Сердарот“ НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе го спроведе проектот „Калдрмата шепоти за Прличев“. Во него се вклучени 10 ученци од неколку паралелки од шесто одделение од општинското основно училиште што го носи името на поетот и преродбеник.
Учениците во Библиотеката најпрво ќе се запознаат со ликот и делото на Прличев, а подоцна ќе ја посетат Спомен куќата на Прличев, попатно ќе бидат информирани и за останатите споменици и музеј куќи во стариот дел на Охрид.
Денес по истиот повод Културниот центар „Култ“ од Охрид во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ организира проекција на документарниот филм „По стапките на Прличев“ работен по сценарио и режија на м-р Милчо Јованоски а во продукција на Библиотеката. Документарниот филм има за цел да го прикаже животот и делото на Григор Прличев, како и да го приближи неговото творештво до пошироката публика, посочуваат од Библиотеката. Проекцијата е бесплатна и отворена за сите а ќе почне во 13.30 часот.
OhridNews












