За година и пол долгот на Општата болница во Охрид е намален за еден милион евра. Најголемиот дел од обврските се однесувале на набавки на медицински материјали и лекови. Директорот на болницата Д-р Горан Маркоски најавува дека годинава ќе се насочат кон реновирање и репарирање на одредени одделенија, како и комплетирање на медицинскиот кадар.

Точно пред година и пол кога започна мојот мандат долгот беше 170 милиони денари. Нормално неможе точно да се каже затоа што секогаш има тековни фактури и трошоци кои пристигнуваат. Во овој момент долгот изнесува 110 милиони денари или отприлика е намален за 1 милион евра, односно е сервисиран долгот према побарувачите. Долговите пред се се кон фармацевтските компании и основни јавни набавки без кои болницата не би можела да фунцкионира, вели Д-р Маркоски.

Минатата година, посочува, биле насочени кон набавка на опрема додавајќи дека речиси деведесет отсто од потребниот капацитет односно освежување на старата опрема е извршено.

Оваа година главно ќе се сконцентрираме на реновирање и репарирање на одредени одделенија во нашата болница. Во овој момент Одделението за лабораторија речиси е во завршна фаза на реконструкција и до средината на нардниот месец ќе добиеме едно од најсовремените одделенија за лабораторија во нашиот град со веќе набавената нова апаратура. Во моментов се реконструира надворешно, бидејќи објектот е стар и ништо не е сменето низ годиниве. Имаме проекти и за реконструкција на Нервното одделение, реконструкција и на Оделението за педијатрија, уредување на дворот и паркингот на установата, што исто така претставува еден голем проблем што одамна датира, истакнува Д-р Маркоски.

Во поглед на недостатокот на кадар во Болницата Д-р Маркоски изразува надеж дека во координација со повисоките институции во пролетниот период ќе биде извршено комплетирање на медицинскиот кадар.

Ние во овој момент ангажираме лица и од другите здравствени установи, пред се од терциерните установи, како и секундарните кои што се во регионот, со кои што на некој начин го пополнуваме тој недостаток. Кадар, пред се доктори, фали во Оперативниот блок, односно на Одделението за анестезиологија, Одделението за урологија. Но, тие недостатоци ги решаваме со ангажман на колеги од други установа. Морам да кажам дека фали и секундарен персонал, односно фалат медицински сестри, болничари, хигиеничари, ккако и административен персонал. Разговарано е за проблемот, имаме поддршка и се надевам дека за брзо време ќе биде решен и тој проблем во оваа установа, додава Д-р Маркоски.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска