По повод 80 години Драмски Театар Скопје, во вторник, на 5 мај 2026 година, Народен театар Охрид, на големата сцена на Драмски театар во Скопје, ќе ја изведе претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле, во адаптација и режија на Андреј Цветановски.

„Парите се отепувачка“ спаѓа во класиците на македонската драматургија и како таква секогаш е подложна за нови сценски прочити. А тоа е можно затоа што темата е секогаш универзална: Која е жртвата што ја прави оној што оди на печалба, но и која е жртвата на семејството кое останува и чека печалбарот да се врати? Дали вреди животот да се стави на пауза заради соништата на семејството? Дали изгубеното време се надоместува со било кои пари? Низ овие поставени прашања се обидовме да направиме античка трагедија низ македонскиот мелос од битовата драма на Ристо Крле, вели режисерот Цветановски.
Претставата ќе биде изведена со почеток во 20:00 часот.
OhridNews











