Шпанскиот чувар на мрежата на Манчестер Јунајтед, Давид де Хеа сосема заслужено ужива во епитетот најдобар голман на стариот континент, иако на почетокот од кариерата на Олд Трафорд никој од соиграчите не веруваше во него.
Де Хеа своите вонсериски голмански способности на дело ги покажа на Санчез Писхуан стадионот одбранувајќи осум ситуации за погодокот на домашниот состав Севиља во првиот меч од 1/8 финалето во Лигата на Шампиони кој заврши без победник (0-0).
– Кога дојде во клубот и се појави на првиот тренинг, голем дел од соиграчите не веруваа во неговите квалитети. Сите се прашувавме што бара ова младо момче во Манчестер Јунајтед без искуство и како ќе ни помогне во нашите големи цели кои ги имавме во тој момент. Неговата напорна работа низ годините прво му донесеа самодоверба, а потоа и неговиот квалитет исплива на површина и можам слободно да кажам дека моментално е најдобар голман. – рече Рио Фердинанд еден од столбовите на одбрана на Манчестер Јунајтед во времето кога Де Хеа го засили клубот од Олд Трафорд.
Шпанецот после мечот со Севиља делуваше скромно иако со осумте одбрани израмни рекорд на Едвин ван дер Сар од 2011 година. Холанѓанецот во финалето со Барселона на Вембли имаше осум одбрани, но три пати капитулираше.
– Од сите осум одбрани ја издвојувам онаа пред крајот на првото полувреме кога Муриљо биеше со глава. Прво добро бев поставен, второ имав и среќа бидејќи тој биеше горе, а не долу и имав време да интервенирам. – изјави Де Хеа.
Кариерата Де Хеа ја започна во Атлетико Мадрид кој во последниве години има добро чувство за откривање на голмани.
OhridNews