Новиот Општ колективен договор за јавниот сектор најверојатно ќе биде потпишан до крајот на јуни, по што ќе следува постапка на негово усогласување со гранските колективни договори.

Ова вчера го соопшти министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, по средбата со претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Живко Митревски и Раско Мишковски.

Според министерот, со потпишувањето на овој договор ќе се обезбеди целосна усогласеност со сите досегашни измени во Законот за работните односи, Законот за минималната плата и другите законски прописи.

– Во моментов имаме Општ колективен договор кој е склучен во 2008 година и четири години функционираме по еден договор, кој има неопходна потреба од корекција, рече Ристовски.

Со новиот Општ колективен договор ќе се опфатат сите вработени во јавниот сектор, а не само вработените што се членови на синдикатите. Тој додаде дека договорот дава упатна норма, со што на ниво на гранки и на ниво на работодавци може да се утврдат поголеми права на работниците.

OhridNews