Компанијата „Виск аеро“, со седиште во Маунтин Вју, Калифорнија, САД, ја претстави шестата генерација на (полусамоуправувачки) такси-летала, за којашто тврди дека е „прв кандидат за сертификат на Федералната агенција за воздухопловство за самоуправувачки возила“. Се работи за „ЕВТОЛ“ – електрично возило со вертикално полетување и слетување.

Во поглед на дизајнот, се чини, станува збор за значително подобрена верзија на летечкото такси „Кора“, што веќе леташе во Нов Зеланд во 2018 година. Сепак, овојпат летот не е прикажан и не беа објавени подробности за напредокот на процесот за сертификација.

Според „Виск“, леталото со четири седишта може да лета со брзина до 222 км/ч и да достигне висина од речиси 1.220 метри. Има 12 пропелери, навалувачки погонски единици напред и фиксни единици во задниот дел за пловност, т.е. подигање. Досегот е 145 километри, а подобрено е и управувањето со енергијата во споредба со претходните верзии.

Нагласено е и дека е „дизајниран да ги надмине денешните ригорозни стандарди за безбедност на воздухопловството и можноста за несреќа е 1:1.000.000.000“.

Инаку, авијациската компанија „Китихок“, покрената од соосновачот на „Гугл“ – Лери Пејџ, неодамна објави престанок со работа, што е показател за огромните предизвици во овој сектор. „Викс“ во суштина произлезе од таа компанија откако се здружија со „Боинг“ на проектот за авиони „Кора“ од петтата генерација.

Ова, инаку, не е единствената компанија што одлуччи да понуди летечко такси. „Џоби“ претходно доби ФАА-лиценца за летачки такси-услуги. Но, засега оваа дозвола ѝ дозволува на фирмата само да ги тестира своите услуги, така што за превоз на луѓе допрва треба да се заслужи дозвола.

OhridNews