Деновиве Охрид е центар на регионалната соработка во областа на планинското спасување, како домаќин на значајна средба на службите кои се редовни членки на ICAR – International Commission for Alpine Rescue.

Домаќин на средбата е Националниот сојуз за планинско спасување на Македонија, кој ги претставува своите активности, развојни насоки и тековни иницијативи насочени кон јакнење на националниот систем за спасување.
Во рамки на програмата, на учесниците ќе им бидат презентирани и капацитетите и оперативната подготвеност на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и Алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид, како и заедничките проекти што се реализираат во насока на развој и унапредување на планинското спасување во државата. Целта на средбата е продлабочување на меѓусебната соработка, размена на искуства и знаења, иницирање и планирање на заеднички регионални проекти, како и усогласување на ставови и политики од заеднички интерес во рамките на ICAR, посочуваат од НСПС.
На средбата присуствуваат раководствата на организациите од Хрватска, Словенија, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.
Ова е трета регионална средба по ред, по првата одржана во Хрватска во 2024 година и втората во Словенија во 2025 година, на која беше потпишан и регионален договор за соработка. Со овој договор се предвидува службите да се состануваат најмалку еднаш годишно, со цел континуирано јакнење на регионалната координација и унапредување на стандардите во планинското спасување, додаваат од НСПС.
OhridNews












