Ракометарите на Охрид втора сезона едно по друго обезбедија настап во ЕХФ Европскиот Куп. Во последното коло од плеј-офот, вечерва, ГРК Охрид во салата „Билјанини извори“ убедливо го совлада Тиквеш 32:23 (18:11) и го потврди четвртото место на табелата кое води во Европа.

Охрид имаше водство во текот на целиот натпревар и во ниту еден момент победата на „гладијаторите“ не беше доведена во прашање. Најефикасни во редовите на победникот беа крилата Цирар и Ојлески со 6, односно 5 гола.

Статистика ГРК Охрид: Чанески, Ојлески 5, Андоновски 1, Мацуока, Јукиќ 1, Костов 2, Тасески 4, Јотиќ, Кукоски, Крстевски 2, Пешиќ 3, Кукуловски 4, Бојаниќ 1, Винисиус 2, Цирар 6, Ѓорѓески 1.

Пред почетокот на последниот натпревар од сезоната 24/25 од Супер лигата, ГРК Охрид им изрази благодарност на тренерот Стевче Алушовски со кој клубот ја заврши соработката, како и на играчите: Бобан Ристевски, Милорад Кукоски, Никола Јукиќ, Живан Пешиќ, Хироки Мацуока, Горан Крстевски и Винициус, кои, по завршувањето на првенството си заминуваат од екипата.

Воедно, клубот му се заблагодари и на некогашниот капитен и долгогодишен член на екипата, Крсте Андоновски, кој ја завршува играчката кариера во иднина ќе биде дел од тренерската структура на клубот.

На сите нив ГРК Охрид им посакува успех во понатамошната кариера. Како клуб направивме напори да го задржиме со Договор и Петар Николоски на кого му дадовме шанса и оваа сезона со првиот тим, но од негова страна бевме одбиени, соопшти ГРК Охрид.

Фото галерија:

ГРК Охрид преку Тиквеш го завери билетот за Европа

Драмата во последното коло од Супер лигата кулминираше во Скопје каде Еурофарм Пелистер на гостувањето кај најголемиот ривал Вардар славеше со 30:32 и трет пат едно по друго стана шампион на Македонија.

Г.М.
Фото: А. Момироска