Триеседневен притвор им одреди Основниот суд од Охрид на тројцата српски државјани од Краљево кои учетвуваа во новогодишниот инцидент, во кој загина 27-годишниот Димитар.М од Охрид. Според неофицијални информации првоосомничениот српски турист притворот ќе го одлежи во затворот во Шутка, а другите двајца осомничени ќе останат во затворот во Охрид.

Според информациите од СВР Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „убиство“, поднесена е кривична пријава против Б.У. (29) од Краљево-Република Србија. Во пријавата, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ опфатени се и М.П.(26) и Ѓ.П.(25) двајцата од Краљево-Република Србија. 

-На први јануари оваа година околу 2 часот, во кафе барот „Табана“ на улицата „Цар Самоил“ во Охрид, се случило нарушување на јавниот ред и мир со жестока вербална расправија помеѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар М.(27) со двајца негови пријатели од Охрид, а од другата страна биле сега притворените српски државјани од Краљево. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во објектот „Табана“ каде имало организирана прослава за дочекот на Новата година и каде сега притворените биле сместени. Тројцата млади луѓе од Охрид после полноќ дошле во кафе-барот, застанале на шанкот каде биле сега притворените. Во еден момент, тука настанала меѓусебна вербална расправија и туркање по што од страна на персоналот биле разделени. Кога сега починатиот Димитар М. излегол од угостителскиот објект сакајќи да замине, прво пријавениот Б.У. излегол надвор од објектот со цел да го запре и да се пресмета со него. Тука, на плочникот пред објектот го стигнал и го нападнал удираќи го брутално со раце и нозе во пределот на главата и телото, по што од силните удари настанала смрт. Веднаш потоа Б.У. влегол во објектот каде на влезот бил пречекан од второ и трето пријавените и се упатил кон неговата соба  да се пресоблече. Второ и трето пријавените со цел да го прикријат делото, најнапред го сместиле Б.У. во собата на нивни пријателки во  истиот објект, а подоцна откако се осигурале дека е безбедно, го вратиле во неговата соба, информираше Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Со цел целосно расчистување на овој случај, СВР Охрид го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на Јавен обвинител изврши криминалистичко-технички увид со цел обезбедување на материјални траги. По наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело. Во една од собите, пронајдени се сега притворените српски државјани. Во нивната соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на првопријавениот.

СВР Охрид ги презеде сите неопходни оперативни мерки и истражни дејствија, направи увид на местото на настанот, се спроведе постапката за препознавање на сега притворените како и анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект „Табана“. Сите активности беа реализирани во содејство и координација со јавниот обвинител.  По негова наредба, вчера беше извршена обдукција врз телото на сега починатиот.

OhridNews