Со промоција на приказните за деца „Тапшин танана“ од Божана Атанасова денеска НУ Библиотека „Григор Прличев“ се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца.

Секој 2 април, на роденденот на големиот раскажувач Ханс Кристијан Андерсен, светот го одбележува Светскиот ден на литературата за деца.

Овој ден е посветен на магијата на зборот, на бајките што нè водат во светови полни со фантазија, добрина и поука, и на сите автори кои со својата имагинација го збогатуваат детството. Литературата за деца има посебна вредност – таа не само што забавува, туку и воспитува, учи и инспирира. Преку бајките, децата ги откриваат разликите помеѓу доброто и злото, учат за храброст, пријателство, љубов и правда, отворајќи го настанот рече Христина Трпеска, директор на Библиотеката.

Македонската литература за деца, посочи, исто така, има богата традиција, а народните македонски бајки, пренесувани од генерација на генерација, се вистинско богатство полно со мудрост и народна фантазија.

Покрај нив, значајни се и делата на македонските автори како Ванчо Николески, Славко Јаневски, Видое Подгорец, Киро Донев, Горјан Петрески, Глигор Поповски, и други, кои создадоа незаборавни приказни за најмладите читатели. Овој ден е потсетник колку е важно децата да растат со книга во рака. Читањето бајки го развива јазикот, креативноста и љубовта кон литературата. Да им подариме на децата приказни – затоа што секоја прочитана бајка е чекор кон побогат и поубав свет, заклучи директорката Трпеска.

Роднокрајната авторка Божана Атанасова е родена 1944 година во село Лактиње и по струка е медицинска сестра во пензија. Автор е на книгите „Митуш“ ( 2013) , „Водици“ ( 2016) , „Талкачи по виножитото“ ( 2016), „Во приквечерината“ ( 2021) и „Низ прозорецот“ издадена 2022 година. Тоа значи дека има долг пишувачки стаж, но далеку од очите на медиумите и јавноста. Иако најголемиот дел од книгите на еден или друг начин допреле до охриѓани а и пошироко.

Оваа најновата е посветена на внуците, но на сите нечии внуци и деца под наслов „Тапшин танана“ во издание на охридската Библиотека содржи 17 приказни кои влечат корени од нејзиното детство, но се и инспирирани од секојдневието на авторката Атанасова со нејзините внуци Димитри и Искра кои сега се возрасни луѓе, кажа во промотивната реч м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар. Според него целото животинско царство чиниш живее во книгата на Божана и тоа во хармонија. Таква е намерата на авторката, всушност бајките секогаш имаат среќен крај.

За полесно да ги разбереме ситуациите и поуките кои зрачат од секоја прочитана приказна, Божана вешто како што тоа е закон во приказните на животните им ја дава моќта на зборот и често во дијалог се наоѓаат животните меѓу себе ама и со луѓето. Книгата ја красат заспивалки и сонувалки, Атанасова со ова свое најново прозно дело влегува во галеријата од охридски автори кои пишувале или пишуваат за деца.

Приказни од книгата „Тапшин танана“ читаше библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска, а беше прочитана и светската порака во чест на денот на книгите за деца годинава напишана од авторка од Кипар.

Пред бројната публика почитувачи и пријатели на авторката на промоцијата присуствуваа и над 30 ученици од подрачното училиште „Григор Прличев“ во населбата Рача.

Свој настап имаа и младите интерпретаторки Анамарија Нестор и Стефани Крстаноски кои отпеаа песни од минатогодишното „Распеано рибарче“.

OhridNews