Основниот суд Охрид му одреди мерка притвор до 30 дена на Жарко Грозданоски од Брвеница, тетовско, кој се сомничи за убиство на охриѓанецот Климе Митрески (76), што се случило на 25 март.

Како што информира Јавното обвинителство, причина за убиството е користољубие.

На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ. По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото, соопшти Јавното обвинителство.

Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази.

Во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите. Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, кој Судот го прифати.

Осомничениот за убиството што ја вознемири јавноста во Охрид, Жарко Грозданоски е анестезиолошки техничар вработен во јавното здравство. На својот Фејсбук профил тој се претставува како магистер на медицински науки и автор на книгата „Одмазда“ – трилер кој говори за темнината на човековото срце. Грозданоски е еден од лидерите на движењето „Христијанско братство“ со седиште во Брвеница, формирано во 2015 година. Негови членови учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во собранието на 27 април 2017 година.

Жарко Грозданоски им бил познат на службите од порано. Против него во 2019 година поднесена е кривична пријава за говор на омраза насочен кон тогашниот премиер Зоран Заев.

Г.М.