Младиот и талентиран музичар Ѓоко Чеменкоски (18) од Охрид денеска во 11 часот ќе ја промовира својата прва авторска песна „Оди мила“, за која е снимен и видеоспот.
Премиерата на спотот ќе биде објавена на неговиот Јутуб канал, како и на платформите на OhridNews, со што Чеменкоски официјално го започнува својот авторски музички пат.
Јас сум млад, амбициозен и надежен уметник. Животот го красам со музика, зборувам со пеење и уживам во секој настап. Новата песна е само еден ветар во грб за работата што допрва ме очекува, вели Чеменкоски, додавајќи дека му е чест публиката да биде дел од неговото музичко патување.
Чеменкоски е ученик во завршна година по пеење во средното музичко училиште во Струга, а своето образование планира да го продолжи на музичка академија.
Музиката и текстот за „Оди мила“ се негово авторско дело, а аранжманот го потпишува Александар Јовевски. Песната е снимена во студиото „По слух“, на Александар Јоивевски, додека миксот и мастерингот се дело на Горан Ѓешовски. Видеоспотот е реализиран од Sustain Production, во режија на Даниел Јовески, а асистент е Благица Суклеска.
Со оваа прва авторска песна, младиот охриѓанец со шекспировски стил најавува сериозен пристап кон музиката и амбиција за професионална кариера.
OhridNews












