Со свеченост на која присуствуваа премиерот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, генералниот директор на ТАВ аеродроми Македонија Неџат Курт, градоначалниците на Охрид Кирил Пецаков, на Струга Менди Ќура и на општина Дебрца Златко Сиљаноски, денеска беше означен почетокот на градежните работи за модернизација на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Реконструкцијата на Охридскиот аеродром предвидува градежни активности со кои ќе се зголемат капацитетите на ова воздушно пристаниште, што се очекува да влијае позитивно на економскиот развој и туризмот во регионот. За таа цел ТАВ Македонија ќе инвестира 2,7 милиони евра, а градежните работи се очекува да бидат завршени до крајот на месец мај, најави генералниот директор на компанијата, Неџат Курт. З
Се работи за проширување на патничкиот терминал за 30 до 40 проценти, проширување на капацитетот на шалтерите за патници и багаж за 100 метри квадратни со што овој простор ќе се подобри и ќе биде уште поефикасен, проширување на зоната за безбедносна контрола на патници и багаж, а административната зграда ќе се прошири од 290 м2 на 700 м2 каде ќе бидат сместени канцелариите на ТАВ Македонија, ќе има нов ресторан-кафетерија за вработените, нови канцеларии за Граничната полиција, Царинската управа, како и паркинг за вработените. За време на градежните активности работењето на аеродромот ќе продолжи непречено, истакна директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт.
Со овие зафати, додаде Курт, аеродромот во Охрид ќе добие целосно нов лик и ќе овозможи поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патување на патниците и подобрени услови за работа за сите вработени. Тој изрази благодарност за поддршката до владата и Министерството за транспорт и сите соработници. Воедно, Курт го најави и стартот на летната сезона на охридскиот аеродром со новите линии.
Денеска Визер почнува да се обраќа од Охридскиот аеродром на линијата Охрид – Милано. Неодамна беше воспоставен лет од Охрид до Братислава, а Аустријан ерлајнс воведува линија од Охрид до Виена што ќе почне да се обраќа од 17 мај. Дополнително Визер воведува летови до Катовице и Вроцлав во јуни, додека на Скопскиот аеродром се воведуваат две нови линии до Будимпешта и Неапол кои ќе почнат да се обраќаат од утре, 30 март, истакна Курт.
Министерот за транспорт Александар Николоски рече дека со инвестицијата аеродромот во Охрид ќе добие 4500 м2 функционален простор, што е двојно повеќе од сегашните капацитети, што значително ќе ја подобри неговата функционалност. Дополнително МАНАВ работи на зголемување на безбедносните капацитети на аеродромите во Охрид и Скопје, а изградбата на автопатот од Охрид до Кичево ќе значи брз пристап до аеродромот што многу им значи на туристите.
Од почетокот на мандатот на оваа Влада имаме 24 нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродроми и втора работа, почнуваат да се воспоставуваат дестинации без субвенции што значи дека политиката на зголемување на атрактивноста на овие два аеродроми веќе привлекува авио компании кои отвораат линии без субвенции од државата. Минатата година Скопскиот аеродром надмина 3,3 милиони патници, оваа година очекуваме 3,5, а веќе следната ќе целиме на 4 милиони патници, рече Николоски.
Оценувајќи го како историски момент за регионот, премиерот Мицксоки истакна дека реконструкцијата на аеродромот во Охрид кој бележи раст од 20% по бројот на патници, ќе придонесе за привлекување нови тур-оператори.
Со еден сме веќе во завршна фаза на преговори и сме пред потпишување на договор. Станува збор за тур-оператор кој треба да донесе половина милион ноќевања надвор од главната туристичка сезона. Гостите кои тие ги носат дневно трошат по 170 евра, што ќе биде додадена вредност од 85 милиони евра за овој регион, истакна премиерот Мицкоски, посочувајќи дека надвор од летната туристичка сезона се очекуваат секој ден 2000 гости, што ќе им овозможи на туристичките капацитети да ги задржат своите вработени.
Според премиерот ваквите инфраструктурни проекти значително придонесуваат за развојот, додавајќи дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од оваа година надминуваат 30 отсто. Очекува дека туризмот ќе расте во наредните години и повеќе ќе придонесува за економијата во земјата.
Г. Момироски




















